Не сакам во рудник, ќе играм фудбал

Алексис Санчез е еден од оние фудбалери на кои животот му поделил лоши карти, но на крајот ја добил партијата. Објаснува дека ситно трча на теренот, затоа што како мал играл бос и ги избегнувал камењата.

Роден во Топокиља, рударски град на северот од Чиле, Алексис Санчез знаел само за едно. Да игра фудбал како многу негови врсници. Уште од мал има два прекари, Nino Maravilla (Нињо Маравиља) или чудесното дете и Dilla (Диља) што во превод значи верверичка.

Топокиља е град познат по многу игралишта и терени, но многу талентирани деца брзо попуштаат под притисокот до првата заработка од фудбалот и се откажуваат.

„Алексис никогаш не се предаваше. Не сакаше да стане минер ниту рудар. Решен беше да купи нова куќа и кола за мајка му. Понекогаш се смеевме заедно со него што имаше таква цел, но тој никогаш не престана напорно да работи“, вели Клаудио, другар на Алексис Санчез од детството.

На 17. години, неговиот прв клуб Кобрелоа го продаде во Удинезе, но Италијанците веднаш го вратија на позајмица во Коло Коло, каде тренер му беше Клаудио Борги, тренерот на годината во Јужна Америка за 2006. година. По престојот во Коло Коло, Нуњо Маравиља отиде на позајмица во Ривер Плата, каде играше во тандем со Радамел Фалкао, а тренер им беше Диего Симеоне.

Неговите настапи во Ривер беа сè подобри и Алексис беше спремен за Европа. Удинезе го врати во екипата, каде тутор му беше клупската легенда Антонио ди Натале. Во сезоната 2010/2011, тандемот Ди Натале-Санчез постигна вкупно 39 голови, а Чилеанецот во 2011 година беше прогласен за најталентиран млад играч според ФИФА (во конкуренција на Бејл, Пасторе, Гансо и Нејмар).

Следуваше трансфер во Барса за 22 милиони фунти, но Алексис Санчез не го најде своето место под сонцето во Каталонија ниту кај Гвардиола, ниту кај Тито Виланова, ниту кај Тата Мартино.

Во потрага по поголема креативна слобода, Алексис Санчез во 2014. година потпиша со Арсенал и веќе во првата сезона стана носител на играта на „Тобџиите“. Постигна 16 голови со што беше најефикасен играч од средината на теренот.

Во моментов Алексис Санчез ја радува својата нација на Копа Америка, каде Чилеанците веќе собраа 4 бода од 2 натпревари и се пред пласман во следната фаза од турнирот кој се игра на стадионот кој е меморијален центар.