Навивачите на Џенова до Пандев: Последниот меч да го одиграш дома пред полни трибини

И покрај тоа што целите кои ги постави ги исполни, а тоа се пласман со Македонија на ЕП и опстанок со Џенова, сепак Горан Пандев ја продолжи за уште една година неговата 20 годишна блескава кариера во италијанската елита.

Големиот талент од Струмица, кој како тинејџер ја почна кариерата во Беласица во првата македонска лига во 2000-та, со полни 38 години утре ја стартува последната сезона во кариерата.

На барање на навивачите на Џенова кои го притискаа да остане, како и на управата на клубот кои му дадоа одврзани раце дали сака да остане како играч или со функција, Пандев се одлучи за она што најмногу го знае, а тоа играњето фудбал.

Со почеток од 18:30, Џенова утре му гостува на актуелниот шампион на Италија со кој Горан стигна до историската тројна круна и во пресрет на мечот им се заблагодари на сите, посебно на навивачите со кои ќе се дружи седма сезона.

„Во сабота стартува новата сезона во Серија А и јас сум горд што уште ќе го носам овој дрес. Им се заблагодарувам на претседателот, раководството, тренерот, стручниот штаб, соиграчите и на сите вас навивачите. Ви се заблагодарувам на сите посебно за сите пораки кои ми ги испративте за да ме убедите да останам. Едвај чекај да ве поздравам на Ферарис. Ви благодарам“.

Македонскиот рекордер со 122 настапи и 38 голови за репрезентација, стекна статус на легенда, а неговиот последен меч за Македонија на Јохан Кројф против Холандија, ќе остане запаметен по подарокот од Вајналдум и шпалирот на Мрме и неговите избраници.

Под благодарницата на Инстаграм, не може да дочитаат многуте убави коментари на навивачите кои посакуваат последниот танц да го одигра во Џенова на полн стадион.

Му пишуваат Италијанци, Македонци, а навивач на Интер го замолува да почне со голови од второто коло.

20 август 2021 - 08:35