Најтажниот фудбалски пренос од Градски вршен по земјотресот

За 60 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, ќе потсетиме на едно кусо сведоштво на легендарниот Ивко Панговски кој коментирал меч на кој повеќе имало плачење, отколку навивање.

Се работи за натпревар од првото коло од 18. сезона на првата сојузна лига на Југославија меѓу Вардар и Динамо Загреб.

Се одиграл во Скопје само еден месец после земјотресот во кој загинаа преку 1.000 луѓе.

На коментаторка позиција седнал доајенот на македонското радио репортерство Ивко Панговски, кој загубил колега и го имал најтешкиот пренос во својата 40 годишна кариера.

„На 28 август 1963 беше првиот пренос по земјотресот во Скопје на средбата меѓу Вардар и Динамо од Загреб 1:1. Тоа беше најтешкиот пренос. Стадионот го реновираше Загрепска оператива и ние едвај успеавме да извлечеме линии. 

Инаку играчите на терен излегоа со траорни ленти и повеќе се слушаше плачење бидејќи недостасуваа многумина што загинаа, а меѓу нив беше и еден стар техничар од Радио Скопје кој загина откако се врати да и земе играчка на ќерката. 

Динамо го сместија во хотел во Куманово, а Вардар во Тетово“, ни раскажа Ивко Панговски во легедарното интервју.

26 јули 2023 - 13:00