На шала, на смеа, Мартин стварно ја доби 9-та во Барса

Мартин Брајтвајт еден ден ќе може да им раскажува на своите внуци како на времето играл 9-ка во Барселона во напад со Лионел Меси. А пустиот, ни крив ни должен, случајно дојде на Камп Ноу.

По официјалното затворање на трансфер преодниот рок во Европа, Барселона го објави списокот на регистрирани фудбалери за новата сезона и кој играч која бројка ќе ја носи.

Во сезоната 2020/2021 дресот со број 9 во Барселона ќе го носи Мартин Брајтвајт, Данецот кој во првите 4 кола сезонава има 0 минути на теренот. Брајтвајт на Камп Ноу дојде пред неколку месеци и тоа по истекот на тогашниот преоден рок, кога Барселона го искористи правилото на Ла Лига во случај на повеќе повредени играчи, да може да донесе нов фудбалер.

А во претходните пар месеци кога на големо се шпекулираше дека Меси готово сигурно го напушта клубот, дежурните мајтапџии на Твитер се спрдаваа дека Брајтвајт веќе упатил барање до управата на Барселона да му ја чуваат 10-та на Меси. Многу реномирани сајтови ја пренесуваа оваа лажна вест.

Еднаш се појави и фејк принт-скрин наводно од сајтот на Барселона, во периодот кога Меси требаше да замине од клубот, па кога ќе кликневте кај напаѓачите на Барса, ќе ги видевте Гризман, Брајтвајт и Осман Дембеле. Мартин Брајтвајт таму ја носи 10-та на Меси.

На крајот, стигна и оригиналниот список на бројки на дресовите. А шпанската Ла Лига има правило според кое играчите можат да носат само броеви од 1 до 25 при што 1, 13 и 25 се резервирани исклучиво за голманите. Во Барселона летово има многу новајлии и прекомандувани младинци од резервите, па слободен останал само бројот на третиот голман.

Некој морал да ја земе 9-ката. Меси нормално и натаму ќе носи број 10, Гризман својата 17-ка, Дембеле 11-та која на времето ја доби од Нејмар, а Брајтвајт 9-та на Суарез.

Во случај Данецот да сакал да го носи својот број кој го носи цела кариера - 19, тогаш ќе требало малку познатиот Бразилец Матеуш Фернандеш да има број 9. Викаат дека во клубот решиле да не се изморуваат многу со броевите па така Де Јонг и Фати останаа со броеви 21 и 22 а ексклузивните број 6 и 4 ги земале Алења и Араухо.

7 октомври 2020 - 13:15