На Балканот не проаѓаат странски тренери

Странските тренери немаа успех на балканското поднебје, а скоро секој од нив кратко се задржуваше на полуостровот. Дали е до играчите, до менталитетот, квалитетот или до самиот селектор, најдобро објаснува Бранко Иванковиќ, Хрватот што со успех тренираше неколку азиски репрезентации.

На 34 големи натпреварувања, 20 светски и 14 европски првенства, Германецот Ото Рехагел е единствениот странец што стигнал до врвот со една репрезентација.

Клаудио Раниери и Дик Адвокат се последните странски селектори на балкански репрезентации кои добија отказ по само 4 натпревари. Раниери доби клоца од грчкиот сојуз, а Дик Адвокат се прости со српските репрезентативци. Претходно, Цицо Крањчар ја водеше Црна Гора, Чиро Блажевиќ БиХ а Сречко Катанец Македонија.

На оваа тема, зборува хрватскиот ветеран Бранко Иванковиќ, кој го однесе Иран на СП 2006 во Германија.

„Ќе ви раскажам една анегдота. Франк Рајкард во 2011-та година ја превзема Саудијска Арабија, доби плата од 8 милиони евра, а во првите 10 натпревари немаше ни една победа. Работата е што странските тренери со себе го носат комплексот на поголема вредност. Не сакаат да се прилагодат на новата ситуација, култура, менталитет, фудбал. Со себе носат некои уиграни шеми, па ако пројде пројде, ако не, никому ништо одиме понатаму“, вели Хрватот Иванковиќ.

Холанѓанецот Рајкард не е единствен што не се снашол во туѓа земја. Германецот Лотар Матеус беше селектор на Унгарија и Бугарија, имаше голема плата, но селекциите останаа во хаос. По тие авантури, Матеус од 2011. година уште не нашол ангажман.

Ако некој странец направи успех, тоа е лажна препорака за фудбалските сојузи, како на пример одличната Русија под Гус Хидинк. По него, Русите се решија на Капело кој заработува 9 милиони евра годишно, а на СП во Бразил испадна од Алжир. Странските тренери никако не може да се прилагодат на Југоисточна Европа. Каков таков успех имаа селекторите кои доаѓаат од ова поднебје, како Хрватот Цицо Крањчар со Црна Гора, Сречко Катанец со Македонија или Чиро Блажевиќ со БиХ.

„Секако дека секој селектор има одреден квалитет, но да водиш странска репрезентација е нешто многу поголемо отколку клуб. Станува збор за повисока димензија во која е потребно да бидеш спремен на секакви искушенија. Во клубот со играчите си секој ден, а во репрезентацијата се гледате неколку пати годишно“, констатира Иванковиќ

Македонската репрезентација низ квалификациите за СП 2006. на 4 натпревари ја водеше Слободан Сантрач. Србинот го замени Драган Канатларовски во март 2005. но на почетокот на 2006. си замина поради болеста на сопругата. Велшанецот Џон Тошак стана селектор на Македонија на 7. август 2011, но на 13. август 2012 ФФМ го раскина договорот со него, затоа што Тошак одби да се пресели во Македонија и репрезентацијата ја водеше од Шпанија каде што живее.

Во последните 10 години, низ балканските селекции поминаа Хавиер Клементе, Џон Тошак, Дик Адвокат, Лотар Матеус, Јирген Ребер и други, но никој од нив немаше значаен успех.

- Џон Тошак (Македонија, 8 натпревари, само една победа против Андора);
- Хавиер Клементе (Србија, 16 натпревари, 7 победи, 7 нерешени, 2 порази);
- Лотар Матеус (Бугарија, 11 натпревари, 3 победи, 3 нерешени, 5 порази);
- Дик Адвокат (Србија, 4 натпревари, 1 победа, 2 нерешени, 1 пораз).