Мурињо веќе најде нов клуб и тоа таму каде не се очекуваше

Следната сезона ќе биде хит на Апенините. Во Вечниот град доаѓа легендарниот Мурињо кој пред 11 години направи шоу со Интер и освои историска тројна круна.

Португалецот на 19 април доби отказ од Тотенхем чија управа не беше задоволна од резултатите на тимот кој најверојатно нема да избори пласман во Лига на шампиони следната сезона.

Жозе Мурињо се спојуваше со неколку клубови, медиумите на островот често го споменуваа Селтик но на крај Португалецот ќе го замени Пауло Фонсека, својот сонародник на клупата на Рома кој доби отказ но ќе го води тимот во преостанатите 4 кола до крајот на првенството и на реваншот со Манчестер Јунајтед во ЛЕ.

58-годишниот Мурињо потпишал 3-годишен договор со трократниот шампион на Италија.

„Неверојатната страст на навивачите на Рома ме убеди да ја прифатам оваа работа и едвај чекам да ја почнам следната сезона.

Им благодарам на семејството Фридкин кој ме одбраа мене да го водам овој клуб. По состаноците со сопствениците и Тиаго Пинто, ги сфатив нивните амбиции.

Имам иста амбиција која отсекогаш ме мотивираше и заедно сакаме да изградиме победнички проект“, изјави Жозе Мурињо кој во кариерата ги водеше Порто, Челси, Интер, Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.

Жозе 17 месеци беше тренер на Тотенхем со кој срамно испадна од Динамо во Лига Европа по дебаклот во Загреб (3:0), а рози не им цветаа ни во Премиер лига. Мурињо со Спарс забележа 10 порази сезонава и тоа е најлош учинок во неговата тренерска кариера.

Претходниот престој на Португалецот во Италија беше историски затоа што со нашиот Горан Пандев освои тројна круна (скудето, Лига на шампиони и Куп на Италија) во 2009/2010. 

Рома одигра променлива сезона но со очаен финиш. „Римската волчица“ стигна до полуфиналето на Лига Европа каде доживеа прав дебакл од Манчестер Јунајтед на првиот меч на „Олд Трафорд“ 6:2 а во Серија А ги изгуби речиси сите шанси за место кое води макар во Лига Европа следната сезона.

Римскиот клуб последен пат освои скудето во далечната 2000/2001 кога Фабио Капело седеше на клупата а на теренот доминираа Тоти, Делвекио, Батистута, Монтела и други.

Рома има и финале на Куп на европски шампиони во 1984-та и тоа на својот „Олимпико“ но изгуби од Ливерпул на пенали.

„Штом Жозе стана слободен, ние веднаш ја фативме шансата да зборуваме со еден од најголемите тренери на сите времиња“, вели Пинто, генералниот менаџер на Рома која во моментов е на 7. место во Серија А.

4 мај 2021 - 19:41