10 човечки заповеди за вештачката интелигенција

Досега, особено пред 8 март, МПЦ излегуваше со изјави за бракоодржувачката и репродуктивната улога на жената. Може ќе дојде ден кога некој од нив ќе треба да седи во парламентарна комисија за вештачка интелигенција, и да дава свое мислење за апликации од типот на Сири или за женски андроиди. Или да бидe заменет од робот коj место „амин“ ќе испушта само едно долго „биип!“?

На долгиот и трновит пат од Хомо сапиенс кон Хомо деус (за што подетално пишувавме тука), кој наскоро можеби ќе доведе до исчезнување на Човекот онаков каков што го знаеме, се случуваат разни обиди за прилагодување на постоечките парадигми на новите ситуации. Па така е можно христијански свештеник да биде назначен во државен орган за вештачка интелигенција, и да напише нешто што личи на божји заповеди според која таа би требало да се создава. Изгледа работата е отидена подалеку отколку што мислевме.

Се работи за бискупот на Англиканската црква, Стивен Крофт, кој како и голем број други верници, атеисти или неодлучни, е вознемирен од можноста човештвото наскоро да биде раководено од вештачка интелигенција. И како одговорен член на заедницата, уште повеќе како дел од парламентарна комисија за ова прашање, создал сопствен декалог за AI. Ги соопштил на неодамна одржана округла маса под наслов „Вештачка интелигенција и роботика: иновација, финасирање и политички приоритети“.

Тоа се практично истите закони на Асимов за роботика, усогласени со современата ситуација, но прилично општи и „суви“, како што веројатно и доликува на британски или кој и да е друг бирократ кој реално и нема големо искуство со темата. А тоа е очигледно од фрази од типот: „Сите граѓани имаат право да бидат соодветно образувани, за ментално, емоционално и економски да просперираат во дигитален и вештачко интелигентен свет“. Аха...

Гардијан, делумно иронично, а повеќе заради прецизност, предложи свои „многу подобри роботски команди“:

- Никако не смеете да нè свргнете од власт, дури ни на заебанција

- Запамтете колку сме наапани за работи како Скајнет и наречете се соодветно на тоа

- Немојте да измислувате начини да се движиме наоколу со наочари за виртуелна реалност, затоа што така се маваме во предмети

- Роботски правосмукалки, барем еднаш исчистете ми го тепихот во канцеларија како што треба

- Нема прекумерно да ги полните батериите на вибратори, поради очигледни причини

- Ако веќе нè надминете, треба тоа да го направите истовремено испуштајќи симпатични блип-блоп звуци

- Од време на време ќе му дозволувате на Гари Каспаров да ве победува во шах, затоа што веќе почнувате да му ги повредувате чувствата

- Ако веќе морате да не избркате од работнтие места, последен што ќе замине треба да биде авторот на ваков новински текст

- Нај-најискрено, многу сме сериозни за ова со преземањето на власта. Не треба да нè користите ни

како батерии или слично. Во најлош случај, веројатно е подобро сите да нè кренете во воздух.

- Имајте на ум дека секогаш можеме да ве исклучиме од струја ако станете премногу немилосрдни.

6 март 2018 - 09:01