Можеше да заработува милиони, но се реши за својот вкус

Одлуката на Рома да не му го продолжи договорот и покрај верните и легендарни 18 години стаж, му се најде за да го почувствува она на што се воодушевувал од мал. Друга прилика веројатно и немаше да има.

Можеше да оди во Кина, Катар или МЛС и да заработи кој знае колку за една сезона. 7-8, ако не и 10 милиони. Со отворени раце го чекаа и во Италија каде си го знае шампионатот, барем Милан и Фиорентина кои му се нудеа.

Но, Даниеле Де Роси го одбра најтешкиот пат. Најтежок, ама најсладок, романтичен што би рекле Италијанците, како и фасцинантен. Ја одбра “пеколната“ Аргентина.

На некој начин, повторно изборот го направи неговото срце. Се разбира дека тоа сè уште му тропа за Рома, но Де Роси одбра да види како е да се биде дел од една екстремна страст за фудбал.

Изјави дека од дете му се допаѓал амбиентот на Бомбонера, клубот Бока Јуниорс во кој има играно Марадона, како и нивните навивачи.

И ете го на 36 години се качи на нивните скали и со дресот со број 16 кој го носеше во Серија А, се појави на легендарниот стадион.

Тој е првиот Италијанец во историјата (без они кои емигрираат со родителите) кој направил трансфер во аргентинскиот фудбал.

Потпиша договор до март 2020-та година за плата од 500.000 евра. Парите во случајов воопшто не му се битни, туку исполнувањето на еден детски сон да се најде на место на кое можел да се воодушевува само како гледач

29 јули 2019 - 15:32