Мерцедес го бара кртот во случајот Монте Карло

Сезоната во Ф1 уште не е на половина, а во тимот на актуелниот шампион Мерцедес веќе почнаа контроверзи по што ќе се отвори истрага за случајот во Монако.

Светскиот првак и лидер во генералниот пласман, Луис Хамилтон имаше убедливо водство од почетокот на трката викендов и неоштетени гуми да ги извози последните 12 кругови.

Во еден момент карамбол направи младиот Макс Ферстапен, кој се обиде да ги претрка конкурентите на патеката каде ретко кој се обидува да нападне, по што излезе сејфти кар возилото.

Во тој момент, без никаква потреба некој во тимот на Мерцедес проценил дека е прав момент Хамилтон да оди да ги замени гумите. Британецот влезе во боксот, но го загуби првото и второто место на кое дојдоа Нико Розберг и Себастијан Фетел од Ферари.

Шефот на мотоспорт екипата на Мерцедес, Тото Волф ја отфрли можноста дека физичко лице е виновно за целиот настан, туку дека грешката е во програмата.

„Разговаравме за тоа и деновиве ќе отвориме целосна истрага за да добиеме конечен одговор каде била грешката во системот. Системот ни покажа дека постои можност да се направи пит-стоп и пилотот да се врати на првото место, но програмата промаши за неколку секунди и се случи тоа што се случи“, вели Тото Волф кој најави истрага на преку 100 луѓе од тимот.

Во одбрана на Хамилтон застана поранешниот возач во Мекларен, Дејвид Култхард кој вели дека тимот го предал Хамилтон и остро ги нападна шефовите на Мерцедес. Следната трка се вози за ГН на Канада.