Некои нови клинци

Македонија У21 нема пораз од 2015-та

Ако некогаш бевме навикнати на вестите од извештаите на Македонија У21 која редеше пораз до пораз, во категоријата на фудбалери до 21 година веќе две години атмосферата е сосема поинаква.

Со доаѓањето на новиот селектор Благоја Боби Милевски на 18 септември 2014-та, генерацијата фудбалери изгради препознатлив менталитет, неколку играчи веќе стандардно играат за сениорите а пласманот на Европското 2017 беше како шлаг на тортата.

Македонија У21 попладнево во последната генералка пред ЕП ја совлада Бугарија со 1:0 и ја продолжи непобедливата серија која сега трае неверојатни 12 меча без пораз.

Во циклусот квалификации за Европско Македонија во првото коло загуби од Ислад 3:0 и кога сите имаа предвид дека во група со Франција и Украина нашите „клинци“ нема да направат подвиг, тие нè демантираа.

На 5 септемви 2015-та во Скопје дојде Украина која што ја победивме со голот на Марјан Радески во 93’ минута за први 3 бода во групата.

Дека нешто е сменето сериозно почнавме да сфаќаме вечерта на 13 октомври кога во Белфаст Македонија после пресврт ја совлада Северна Ирска со 1:2. Енес Барди и Кире Маркоски беа творци на новата победа.

После еден месец во Скопје дојде Франција со најбараните таленти во европскиот фудбал, Рабио, Лемар и Кимбембе од ПСЖ и Толисо од Лион. Но тоа не им значеше многу на момците на Боби Милевски кои на полувремето водеа со 2:0 (Ангелов и Радески) за да на крајот Франција едвај стигне до бод. Ремизиравме и на следните два меча, а клучен бод беше оној освоен во Франција каде поведовме преку Ангелов а Бејтулаи со автогол ги постави конечните 1-1.

На последните четири средби „лавчињата“ освоија максимални 12 бодови и како првопласирани обезбедија пласман на Европското во Полска.

И покрај честите ротации од У21 во сениорскиот тим, младите беспрекорно ги одработија пријателските против Црна Гора (2:0) и против Бугарија (1:0) и со големи амбиции ќе патуваат за Полска.

Ние им посакуваме победничката серија да им потрае уште долго. Во Полска ќе имаат врвни противници: Шпанија У21, Португалија У21 и Србија У21.