Лукас Подолски за германска традиција на Интер

Новиот напаѓач на Меаца е уште еден од низата германски фудбалери кои го облекле дресот на миланскиот клуб. Месецов тој стана првиот Германец кој го засилил Интер, по 22 години.

Кога Лукас Подолски официјално беше претставен како ново засилување на Интер во четвртокот, изјави дека најзаслужни за неговата одлука се Пиеро Аузилио и Роберто Манчини, спортскиот директор и тренерот на нероаѕурите.

Но Подолски исто така е запознает и со долгата традиција на германски фудбалери во Интер. Кога бил дете, во 1990. година во Бергхајм близу Келн на телевизија го гледал успехот на Западна Германија на СП во Италија. Носители на играта на тогашна Германија беа легендарното трио на Интер Андреас Бреме, Јирген Клинсман и Лотар Матеус. Покрај нив, Подолски имаше уште многу германски претходници во црно-сината боја.

Првиот Германец кој заиграл за Интер е Хорст Шиманиак, денес помалку познат, а во неговата епоха бил најдобриот фудбалер на Интернационале. Шиманиак играл за Германија на СП во 1958 и 1962, а со Интер го освоил Купот на Европските шампиони.

Две децении подоцна, следен Германец кој ќе го засили Интер бил Ханс Милер, фудбалер на Штутгарт, познат по прекарот Ханси. Милер дебитирал со гол од слободен удар за Интер и станал познат по одличното изведување на ударите од прекин. Повредите го спречиле да игра стандардно, па така во 1984. година се преселил во Комо.

Следната година, на вратата на Интер чукнал Карл-Хајнц Румениге, најпознатиот германски фудбалер на светот тој период. Румениге во Интер дошол како двократен освојувач на наградата најдобар европски фудбалер и прв стрелец во Бундеслигата. Интер за него одвоил околу 10 милиони марки (денес 5,7 милиони евра), така што Румениге станал вториот најплатен фудбалер во Италија, по Диего Марадона.

„За тие пари, ако требаше ќе го носиме на престол до Милано“, изјавил тогаш Ули Хенес, почесниот претседател на Баерн Минхен.

Само неколку месеци подоцна, Румениге постигнал еврогол во дуел од УЕФА купот против Хамбургер, а погодокот беше прогласен за гол на 1986. година. Истата сезона, Румениге беше втор најдобар стрелец во Серија А. Проблемите за славниот Германец почнале во неговата трета сезона во Интер, кога поради повреда на Ахиловата петица пропуштил 10 натпревари.

Џовани Трапатони, тогашен тренер на Интер изјави дека можеле да стигнат до титулата, само ако Румениге одиграл 30, наместо 20 средби.

Следните шест години, Интер немаше Германец во својот состав, а во 1988. година клубот објави дека потпишал договор со Лотар Матеус и Андреас Бреме. Матеус важеше за најдобар европски фудбалер таа година и Интер го плати 8,4 милиони марки, а мораше да одвои уште 2,2 милиона за неговиот соиграч Андреас Бреме.

Легендарниот капитен на Интер, Џузепе Бергоми во една прилика изјави дека екипата победувала само ако Матеус е одлучен да победи. Во сезоната 1988-89, Матеус беше главна алка во екипата која победи на 26 натпревари и по девет години пост, го освои Скудетото.

Интер имаше германско, а Милан холандско трио со Ван Бастен, Гулит и Франк Рајкард. Сино-црните го освоија УЕФА Купот во 1991. година, па потоа следуваше славната ера на „холандскиот“ Милан кој ја покори Европа.

Во април 1992. година, Трапатони се врати во својот Јувентус, но Матеус остана во Интер и на 31 година по тешка повреда, реши да ја заврши успешната кариера. Следната сезона Интер го напуштија и Бреме и Клинсман. Навикнат на германската дисциплина, Интер веднаш го ангажираше 24-годишниот Матијас Замер, кој не се снајде со тренерот Освалдо Бањоли и со навивачите на Интер, по што се врати во Германија, во дресот на Борусија Дортмунд.

Минатата недела, Лукас Подолски стана првиот Германец што по 22 години го облекол дресот на Интер, а своето деби го имаше во дербито на Италија против Јувентус, кое заврши 1-1.