Лука Модриќ и Реал Мадрид - бетон соработка со взаемен респект

Кога можеби некој ќе помисли дека се повлекува или оди да нанижи уште некој милион некаде надвор од рамките на Европа, ете ти вест која демонстрира лојалност, припадност и чувство за исправен потег.

Реал Мадрид и Лука Модриќ продолжуваат заедно и следната сезона, а тоа го соопшти клубот како тазе денешна информација на која веројатно нема зошто некој да не се израдува во Мадрид.

Легендарниот хрватскиот плејмејкер на 9 септември полни 38 години, возраст на која еден куп фудбалери се во пензија, други имаат сили само за едно полувреме, а трети акаат по арапски, американски или кинески пари.

Ама Лука е Лука и Реал е Реал. Така се прави тоа. Мајсторот на фудбалската игра е мајстор и на тие години, без да му бега паметат подалеку од Бернабеу.

Тоа веројатно го препознале и во клубот кој одново му ги отвори вратите до 30 јуни 2024. Договор кој покажува многу љубов кај двете страни и кој се коси со онаа поинаква и извитоперена денешна реалност: 100 милиони по сезона, 200 милиони по сезона, 500 милиони за две и пол сезони, милијарда, екстра бонуси...

Модриќ пристигна во Реал Мадрид во 2012-та и стана една од најголемите легенди во историјата на клубот со 488 натпревари и неверојатни 23 титули во 11 сезони, меѓу кои 5 титули во Лига на шампиони.

Ги освои и највисоките индивидуални награди како што се Златната топка, наградата за најдобар играч според ФИФА, а беше прогласен за најдобар и на Мундијалот 2018.

Тренерската клупа Реал ја менуваше со Мурињо, Анчелоти, Бенитез, Зидан, Лопетеги, Солари, Зидан, повторно Анчелоти, ама со никој не може да го замени Модриќ.

Мозок и архитект за сè што треба да се изгради во играта на кралскиот клуб. Заеби тоа авантурите во нефудбалски земји, вакви прикаски сакаме.

26 јуни 2023 - 12:43