Локо Софија до Хирошима

Од толку места на белиов свет, двајца неодговорни навивачи на бугарски Локо Софија решиле да го испишат името на клубот на еден од највредните меморијали во Јапонија, и светот воопшто. Избркани се од работа и ги чека судење.

Меморијалот на Мирот во јапонскиот град Хирошима бил вандализиран со натпис „Локо Софија“.

Меморијалниот парк каде што стои спомен обележјето на една од најстражните епизоди во човековата историја е изграден во сеќавање на жрвтите од атомските бомби фрлени на 6 август 1945 година.

Во средата наутро, чуварот открил дека споменикот бил вандализиран на три места. Два графити се испишани на белиот ѕид од Музејот на Мирот. Двајца техничари вработени во Софиската Опера го направиле вандалскиот чин. Тоа го потврдил и директорот на Софиската Опера и Балет Пламен Карталов.

Двајцата вработени веднаш биле избркани од работа и исфрлени од турнејата во Јапонија. Јапонската полиција го истражува случајот и веројатно против сторителите ќе биде покрената постапка. Бугарското министерство за надворешни работи го осудило вандалскиот чин над монументот во Хирошима и упатило извинување до Јапонија:

„Тотално несоодветно е фудбалска приврзаност да се искажува врз културен споменик во сеќавање на жрвтите од нуклеарното бомбардирање, заштитен од УНЕСКО. Категорично го осудуваме чинот и нудиме извинување до пријателска Јапонија“, стои во соопштението од Бугарското МНР на нивната Фејсбук страница.

Локомотив Софија е еден од постарите бугарски клубови а во моментов е 12. место во бугарската втора лига. Иако Левски и ЦСКА важат за најголеми клубови во соседна Бугарија, Локомотив Софија има голема база на свои приврзаници.

18 октомври 2018 - 11:26