Конечно мрднаа работите, скок на Македонија од 33 места

Светската куќа на фудбалот ја објави најновата ранг листа и по долго долго време конечно можеме да се израдуваме ако не на позицијата, барем на напредокот.

Македонската фудбалска репрезентација напредуваше 33 места на ранг листата на ФИФА и од 166-то скокна на 133-то место, што е највисок скок до сега во историјата на нашата селекција.

Овој напредок се должи на двете победи во низа на избраниците на Игор Ангеловски кои најпрво во квалификациите славеа 0:3 на гости против Лихтенштајн, а потоа на домашен терен на пријателска средба со идентичен резултат ја совладаа Белорусија.

Нашиот национален тим избега од неславното фудбалско друштво со Куба, Сингапур, Јужен Судан, Авганистан, Тахити, Малдиви, Луксембург, Белизе и ред други аутсајдери, а следната задача е да мине селекции како Бахреин, Тајланд, Филипини, Палестина, Етиопија.

Од нашите противници во квалификациската група за СП Русија 2018, Шпанија останува 10-та, Италија напредуваше три позиции и сега е 12-та, Израел и Албанија паднаа седум места и 13 места и сега се на 63-та и 66-та позиција, а Лихтенштајн е 189-ти.

На врвот Бразил ја презеде лидерската позиција на Аргентина. Потоа следуваа Германија, Чиле, Колумбија, Франција, Белгија, Португалија и Швајцарија.