Кондуктерот кој стигна до финале на Лига Европа

Фудбалерот за кој светот допрва ќе дознава има животна приказна од која може да се сними филм. Карлос Бака вечерва ќе игра финале од Лига Европа, а до пред седум години за да го прехрани семејството работел како кондуктер во автобус и продавал риба во Колумбија.

Фудбалската кариера на Карлос Бака не е позната за многумина, а неговата тешка животна приказна уште помалку. Фудбалерот кој се споменува како замена за Диего Коста во Атлетико Мадрид, а интерес за него има и од Барселона, Милан, Евертон... имал тежок пат до врвот.

Сè до 20-та година Карлос живеел во својот роден град Пуерто Колумбија каде играл за аматерските клубови од околината. За да го прехрани своето семејство, тој работел како кондуктер во автобус, а во слободното време продавал и риба.

Првиот професионален натпревар го одиграл на 23 години и од тогаш неговата кариера оди во нагорна линија. По 50 гола на 97 натпревари за колумбискиот Атлетико Жуниор, во 2011-та година Бака направи трансфер во Клуб Бриж каде минатата сезона беше најдобар стрелец во белгиското првенство и го освои признанието за најдобар фудбалер.

Оваа сезона во дресот на Севиља постигна 14 гола, вклучувајќи и два против Реал Мадрид и уште 6 во Лига Европа.

Фудбалерот кој до пред 7 години бил кондуктер во автобус и продавал риба, а првиот професионален натпревар го одиграл пред само 4 години, сега вреди 10 милиони евра, го бараат неколку фудбалски гиганти и вечерва има шанса да го подигне пехарот од Лига Европа.

14 мај 2014 - 09:35