Како ранетата римска волчица се врати на врвот во Италија

Никој не очекуваше ваков развој на настаните во Италија. Рома е на првата позиција со максимален ефект по седум одиграни кола, а викендов изненади и со демолирањето на Интер среде Милано. Ова е приказната за човекот кој ја направи римската револуција.

Минатиот месец откако Рома славеше на големото градско дерби против Лацио, фудбалерите го одведоа новиот тренер Руди Гарсија пред трибините да се поздрави со навивачите. Трибините се тресеа од воодушевени навивачи, а дури и најискусните фудбалери плачеа од среќа.

„Од денес сум еден од вас. Се чувствувам како Романиста" изјави Гарсија преку медиумите, но и порача „Мораме да изградиме црква сред село".

Оваа стара француска изрека им беше непозната на Италијанците, но во Рим звучеше многу моќно. Како што појаснија новинарите, нејзиното значење е дека заедницата мора да се обедини и поцврсто да се поврзе со верба и заедничка работа.

Тоа беше пред две недели, а од тогаш Рома извојува победи и против Сампдорија и Болоња, а викендов го прегази и Интер.

Учинокот е седум победи по исто толку натпревари и фантастичен скор од 20 постигнати и само еден примен гол. Рома се уште нема играно против Јувентус, Наполи, Милан и Фиорентина, но сепак никој не се надеваше на ваков старт. Никогаш во историјата Рома немала подобар почеток на сезоната.

Ова е пресврт од 180 степени во однос на минатата сезона. Рома заврши на шестата позиција, а во финалето на купот загубија од најлутиот ривал Лацио - четврти пат во последните пет дербија. Навивачите на Рома беа бесни, а Лацијалите им фаќаа сеир.

Управата на Рома беше по потрага за нов тренер кој ќе ја залечи ранетата волчица. Мацари и Алегри ги одбија, па на крајот тие се одлучија за Руди Гарсија, човекот кој направи чудо кога во 2011-та година со Лил ја освои двојната круна во Франција.

49-годишниот француски тренер со андалузиски корени има филозофија за напаѓачки фудбал со акцент на поседот на топката, но истовремено и цврста одбрана со колективна игра.

Минатата сезона Лил со 58,1% посед на топка беше четврта најдобра екипа во Европа зад Барса, Баерн и Арсенал, а истовремено оваа екипа беше на третата позиција со најмалку примени удари кон својот гол (зад Барса и Баерн).

Откако пропадна обидот во Рим да се направи копија на Барселона со тренерот Луис Енрике кој купи 12 фудбалери од кои девет веќе го напуштија клубот, а потоа и со искусниот Зденек Земан, американските финансиери веќе го загубија трпението и беа нервозни.

За нови фудбалери беа вложени 66 милиони евра, но во исто време во летниот преоден рок заминаа фудбалери вредни преку 100 милиони евра.

Но Гарсија покажа дека може набрзина да изгради победнички менталитет во новиот тим. Кога Рома ја победи Парма со 3:1 откако го примија единствениот гол оваа сезона, тие направија нешто што им успеало до сега само еднаш на 76 натпревари - пресврт откако противникот прв повел.

Гарсија успеа да го поврзе целиот тим во една целина со за него омилената 4-3-3 формација. Рома доминира, креира шанси, поседот на топката во просек е околу 60%.

„Кога ќе ја видам радоста на лицата на играчите по постигнување на погодок, како и заедништвото со навивачите, тогаш си велам дека тука се готви нешто многу добро. Но се уште ни самите не сме свесни колку далеку можеме да отидеме", изјави Гарсија.

Во саботата Рома целосно го надигра Интер и тоа среде Милано и докажа дека оваа екипа под водството на Руди Гарсија е спремна да отиде многу далеку. Тоти и „волците" се зрели за прва титула по пауза од 13 години.

7 октомври 2013 - 11:47