Легендите на Јунајтед ги спасија бездомниците

Како Гигс и Невил ѝ дадоа гол на сиромаштијата

Двете легенди на Манчестер Јунајтед ќе им дозволат на група бездомници да ја поминат зимата во имотот кој е во нивна сопственост а кој на пролет ќе стане луксузен хотел.

Големата историска палата која на времето била Градско собрание на Манчестер е во сопственост на Рајан Гигс и Гери Невил, кои ја откупиле со цел на тоа место да направат место за луксузна клиентела. Во меѓувреме, неколку бездомници кои немале покрив над глава го запоседнале имотот и живеат таму. Благодарение на Гигс и Гери Невил, тие ќе може да ја поминат и зимата таму без да ги малтретира полицијата или судските власти.
 
Весли Хал (33) е еден од бездомниците (squatters) кои во последните денови ја водел групата која спие во просторот. За Гардијан раскажува дека почнал да плаче кога во еден телефонски разговор, Гери Невил му кажал дека ќе може да останат цела зима во палатата.
„Не ми се веруваше. Мислев дека кога се слушна веста за окупацијата, Невил и Гигс ќе реагираат како и секој сопственик на недвижности, ќе бара помош од полицијата и судот за да не избркаат на улица. Напротив, ми одговори дека нема проблем“, вели Весли Хал кој е задоволен што ќе спие на топло цела зима.

Во меѓувреме се огласи и Гери Невил, кој секојдневно е активен на Скај спорт како стручен коментатор на натпреварите од Премиер лига и ЛШ.
„Секогаш се обидувам да им помогнам на бездомниците кога ги среќавам на улиците во Манчестер. Воопшто не сум загрижен што нашата палата во следните месеци ќе биде место за живот на скитниците и оние кои не знаат каде да живеат“, вели легендарниот десен бек во ерата на Алекс Фергусон.
Единствено нешто што им побарал Невил на бездомниците е да ги пуштаат внатре архитектите кои ќе доаѓаат да прават план за работите кои ќе се изведуваат на пролет. Невил побарал и ако може да внимаваат на редот и одвреме-навреме да го одржуваат и чистат просторот.
 

Во последните неколку години, посебно од 2010-та наваму во Велика Британија е зголемен бројот на бездомници. Само во Лондон неодамна биле регистрирани 7.581 бездомник а во целата земја има околу 280.000 бездомници. Во меѓувреме, зголемен е и бројот на напуштени куќи и згради кои во моментов се околу 650.000 во цела Велика Британија. Само мал дел од нив ги користат бездомници.
 
Градските власти во Манчестер се подготвуваат за зимата и веќе се зборува за организација на Божиќен ручек за бездомниците кој ќе го спремаат најдобрите готвачи во градот. Несомнено дека на собирот ќе бидат поканети Рајан Гигс и Гери Невил.
20 октомври 2015 - 15:22