Јунајтед пред Сити прв пат после 499 дена

По вчерашниот пораз на „Граѓаните“ 2-1 од Кристал Палас, Манчестер Јунајтед го задржа третото место и предноста од еден бод во Премиер лигата пред градското дерби со Сити во недела попладне.

Црвениот дел од Манчестер може нормално да функционира, откако „Црвените Ѓаволи“ за прв пат после година и пол го престигнаа Сити на табелата и имаат поен предност.

Манчестер Јунајтед последен пат беше пред комшиите на 23. ноември 2013. година, на седум кола пред крајот од првенството, колку што остануваат и сега. Во меѓувреме, Манчестер Сити дури 499 дена доминираше на табелата во однос на градскиот ривал. Тимот на Мануел Пелегрини лани освои двојна круна, откако славеше во првенството и во Лига купот.

Од друга страна, Јунајтед лани заврши како седмопласиран, под водство на Дејвид Мојс, што беше нивниот најслаб пласман во историјата на Премиер лигата. Сезонава, Манчестер Јунајтед славеше на 18 од 31 натпревар во Премиер лигата, од кои осум на последните 10 средби. Тимот од Олд Трафорд заостанува осум бодови зад лидерот Челси, но и натаму е на место кое води во Лигата на шампионите.

Со вчерашната победа против Манчестер Сити, Кристал Палас речиси го осигура опстанокот во лигата и му направи голема услуга на Челси во трката за шампионската титула.

7 април 2015 - 13:29