Италија го слави Супер Марио, Германија во шок

"GIGANTI D'ITALITA" осамна на една од насловните во италијанските весници, додека во Германија најчесто употребуван збор во извештајите од полуфиналниот натпревар против Италија е зборот „кошмар".

„Ги зацрнивме" со слика од Марио Балотели е контроверзната насловна на деношното издание на весникот Tuttosport.

Контроверзна е и насловната страна на весникот Libero со слика од Марио Балотели како шутира топка со ликот на Ангела Меркел.

"Siamo noi!" и "Giganti d'Italia" беа насловите на двата најпознати спортски везници Gazzetta dello Sport и Corriere dello Sport. Сите италијански медиуми употребуваат суперлативи за да го опишат изданието на нивната репрезентација, а новинарот на весникот Corriere Della Serra вели „за прв пат игравме како ние да сме Германци".

Во Германија пак се пишува само за кошмари и уништен сон. На насловната на Morgenpost има слика од Балотели и само еден збор "albtraum" – "кошмар".

„Нашиот сон се распадна. Повторно нема титула за Германија. Последната беше во 1996-та година, пред 16 години. Шестнаесет години?", пишува Bild.

Повеќето од германските медиуми за поразот го обвинија селекторот Јоаким Лев, но имаа критики и за скоро сите фудбалери.

„Гомез и Подолски беа целосно промашување. Швајнштајгер никаде го немаше, а нашето торнадо Озил беше само нежно ветерче", пишуваат тие.

29 јуни 2012 - 11:12