Играше Лига на шампиони со Манчестер, сега со години мести гипс картон

На 18 март 2003-та година на бучниот „Риазор“ пред 25.000 души во групна фаза од Лигата на шампионите играа некогашниот шпански првак Депортиво Ла Коруња и англискиот гигант.

„Црвените ѓаволи“ во шарен состав допатуваа за последното коло во Галиција како веќе пласирани понатаму.

Спикерот на „Риазор“ ги читаше составите па во домашниот тим од познатите играчи беа Алберт Луке, Фран, Акуња, Капдевиља и Андраде, а кај гостите во одбраната покрај стабилниот Лоран Блан истрчаа уште и анонимните Марк Линч, Ли Роуч и младиот Џон О'Ши, а во среден ред и напад беа Рајан Гигс, Ники Бат, Дарен Флечер и Диего Форлан предводени од Сер Алекс Фергусон.

Можеби најслаб состав на Јунајтед кој некогаш истрчал во Лига на шампиони, особено ако сфатите дека на тој меч Фил Невил играше во среден ред како организатор на игра.

Едно од овие имиња во екипата таа вечер, до денес го паметат само и само навивачите на Манчестер Јунајтед, 

Роден во октомври 1980-та во Болтон, десниот бек Ли Роуч почнал да тренира фудбал во младинските категории на Манчестер Јунајтед уште во 1997-ма година.

Роуч ги поминал сите возрасни категории па во еден момент стигнал и до првиот тим. Успеа да запише и 5 настапи меѓу кои деби во Лига на шампиони, токму против Депортиво како и дерби во Купот со Арсенал. Интересно, мечот во Ла Коруња беше последен од втората групна фаза на ЛШ, Јунајтед веќе беше пласиран па Фергусон реши да испробува варијанти.

Му даде шанса на 23-годишниот Роуч кому му се погоди таква „среќа“ да го чува најопасното лево крило во Шпанија во тој период, младиот Алберт Луке (подоцна играше за Њукасл во Премиер лига). Домашните крила толку многу го дриблаа Роуч што Фергусон реши да го смени на полувреме а Ли веќе никогаш не заигра за Манчестер Јунајтед кој го прати на позајмица во Рексам.

Навивачите на Јунајтед уште кратко време ја следеа кариерата на интересниот десен бек кој го облече уште дресот на Барнсли и Дројлсден и во 2011 реши да стави крај на кариерата на 27 години. Роуч запишал и 1 настап за Англија У-21 против Финска во квалификациите за Европско младинско првенство 2002.

Откако решил рано да ја заврши кариерата, едно здружение за поддршка на фудбалери му нашло работа. Изгубил секаков интерес за фудбал.

„Се вратив дома и не сакав веќе ни на телевизија да гледам фудбал. Неколку другари на работа на објекти ме прашуваа за Јунајтед и како било таму. Јас не го доживувам тоа така. Сметам дека младите фудбалери денес треба да ги обучат да имаат претстава за реалниот свет. Повеќето од нив веројатно немаат план што би правеле ако не успеат во професионален фудбал“, рекол Роуч еднаш за Планет Фудбал.

Севкупно одигра 5 меча за првиот тим на Јунајтед. Навивачите се сеќаваат на неговите игри со Депортиво (пораз 2:0), со Њукасл во Премиер лига (победа 5:3) и против Арсенал пораз 0:4 во Лига Куп кога Роуч ги одиграл сите 90 минуте.