Ибрахимовиќ: Гвардиола е неверојатен тренер, ама без муда

„Ти ќе се заебаваш со мене и јас ќе се заебавам со тебе. Сакаш да си играш со оган, тогаш ќе си играме, ама ќе те изгорам. Го паркирав Ферарито пред неговата канцеларија. Не ми рече ништо за потегот, ама ме игнорираше. До ден денес не сфатив што беше проблемот што ме казни да не играм“.

Најнов гостин кај Пирс Морган е Златан Ибрахимовиќ. Секогаш интересен соговорник, кој одговара директно на прашањата и кој раскажува како отсекогаш бил отворен и директен со сите.

Зборува за својот победнички менталитет, го објаснува балканскиот менталитет на растење кога добивал воспитни од татко му, за детството, за родителството.

За Мурињо кој му се погодил и за Гвардиола кој не му се погодил во кариерата. За Манчестер Јунајтед и Тен Хаг, Халанд, Мбапе и ред други теми.

За него најдобар фудбалер кој смета дека ја променил играта и натаму е Бразилецот Роналдо, а за најдоабр спортист го смета Мухамед Али.

За двајцата најважни луѓе во неговиот живот, агентот Мино Рајола и девојка му Хелена со која има две деца, вели вака:

„Тоа беше голема загуба и сè уште ми недостига и ќе ми недостига засекогаш, бидејќи тој не ми беше само агент, туку ми беше сè. Се преселив во Ајакс, ама вистинската кариера ми почна кога го запознав него. Сè правевме заедно и надвор од фудбалот. Со него ги делев сите моменти од животот и добри и лоши. Го прашував и за приватни работи, како за некоја девојка дали е за мене или не. Беше инволвиран во сè во мојот живот. Станав тој што сум денеска благодарение и на него“.

„Хенела ја побарав за жена пред неколку години и ме одби. И реков дека после 20 години заслужуваш да те венчам, а таа ми рече дека не треба да се мажам, за да бидам со тебе. Многу е силна. Како се чувствував кога ме одби? Океј, затоа што така добива повеќе почит од мене. Не мора цело време да победувам. Дали ќе пробувам пак? Не, нема да добие втора шанса. Ама имаме два сина, а тоа е подобро отколку да сме венчани“.

Одбил понуди од Кина и Саудиска Арабија.

„Кога ќе дојде моментот да се има многу пари е работа на его. На пример да ја земеме ситуација која се случува сега во Саудиска Арабија. Играчите кои имаат многу пари, одат таму за да направат уште повеќе пари. Дали тоа ќе им го смени животот? Човек ќе умре пред да ги потроши веќе заработените пари, а не па тие од Саудиска Арабија.

Јас имав понуди и од таму и од Кина, ама поентата е што сакаш? Кои ти се целите? Некои играчи треба да ја завршат кариерата на голема сцена, бидејќи тоа е големиот крај на кариерата. Треба да бидеш запаметен по талентот, а не по тоа колку си заработил“.

За недоразбирањата со Гвардиола

„Чудната работа на првата средба со него беше кога рече `Слушај играчите тука не доаѓаат на тренинг со Ферари и Порше`. Потоа не го носев Ферарито 6-7 месеци. Во еден разговор му реков дека не играм добро бидејќи ми треба повеќе простор за да се изразам. Бидејќи не сум добар во начинот на игра кој го бараш од мене. Бев отворен и директен и му реков подобро да стави друг играч. Тоа беше нормален разговор. Тој на тоа ми одговори, океј, ќе се погрижам за тоа. Следниот меч бев на клупа, па втор, трет, четврти пат. Потоа реагирав и повторно се појавив на тренинг со Ферарито. Знаев дека со тоа ќе има нова ситуација и го паркирав пред неговата канцеларија. Ти ќе се заебаваш со мене и јас ќе се заебавам со тебе. Тоа беше  моето мото. Сакаш да си играш со оган, тогаш ќе си играме, ама ќе те изгорам. Не ми рече ништо за потегот и ме игнорираше. Кога ќе влезев на појадок, тој во истиот момент излегуваше од просторијата“.

После пораз на Барселона од Интер, во соблекувалната си фрлил кутија со тренинг опрема накај него?

„Да, ама не го погодив. Тоа беше порака, а тој излезе надвор и не се соочи со мене. Потоа излезе на прес конференција и кажа дека такво нешто не се случило. Можеби така е поголем маж. Инаку мислам дека е неверојатен тренер кој 100% ја смени играта. Како човек? Го гледам на некои прес конференции, не е тој што го знам јас. Ама среќен сум за него. И двајцата сме биле играчи, не му посакувам ништо лошо. Сме имале исти соништа и не можеш да мразиш некој поради таква ситуација. Тој е тренер, јас играч. Тој има свои одговорности, а јас мои. Разликата е што ако имам проблем јас го решавам. Ако ми кажеше слушај имаш голем нос, тогаш тоа ќе беше нашата последна средба. Ако не си среќен си одам и решен проблем. До ден денес не сфатив што беше проблемот“.

 

10 октомври 2023 - 16:05