Херојот на Лацио кој од сенка ги уништува противниците во 90+

Тешко е да бидеш ѕвезда во лига каде играат ликови од типот на Златан Ибрахимовиќ и Кристијано Роналдо. Ама па него уво не го боли за споредби, туку чека само Инѕаги да му рече „Ајде влагај“ и потоа им го вади во шеснаесетник, капацитетот за решавање натпревари во судиско.

Италијанско од година во година се повеќе станува интересно и привлечно за гледање по повеќе основи. Има луди пресврти, паѓаат многу голови, светски ѕвезди како Ибра и Роналдо го кренаа публицитетот, екипи како Аталанта и Сасуоло ја освежија лигата со напаѓачка игра и импресивна ефикасност и сл.

Викендов во кој главни теми се кам бекот на Роналдо кој од изолација се врати со два гола, а Златан дели лекции со ножички на 39 години, Лацио во Торино одигра хичкок судиско продолжение во кое Имобиле во 95-та и Каиседо во 98-ма му донесоа победа од 3:4.

Да, мечот заврши кец у два и 7+, така што муабетот дека лигата е падната е бајат.

Ако Чиро Имобиле кој ја освои Златната копачка со 36 гола им е главна карика во тимот, важно и доста корисно оружје чуваат и на клупа. Се вика Фелипе Каиседо. Облекува дрес, влегува, не гледа против кој игра, туку го решава во 90+ и од радост повторно го соблекува.

Не е тоа голгетер од прв ешалон, туку просечен напаѓач кој за 14 години кариера има постигнато 109 гола и има сменето седум земји. Од Базел, Манчестер Сити, Спортинг, Малага, Леванте, Локомотив Москва, Ал Џазира, Еспањол, па до Лацио каде игра од 2017-та.

32 годишниот Еквадорец за својата земја има постигнато 23 гола со кои е петти најдобар стрелец за репрезентација со која играше на СП 2014.

И покрај тоа што не е расен стрелец и обично на крај на сезона не стигнува до двоцифрен број на голови, дечкото важно носи бодови. Се работи за желба и упорност која му се зголемува откако ќе истечат регуларните 90 минути.

Италијанските медиуми често пишуваат дека Лацио под водство на Инѕаги е махер за пресврти, а тоа го потврдува следнава статистика. Во 2020-та имаат освоено дури 29 бода откако губат 0:1, што е рекорд во најсилните топ 5 лиги.

Најзаслужен за тоа е токму џокерот Каиседо кој внимавајте добро во која минута ги торпедирал следниве пет противници:

Сампдорија - Лацио 1:2 92
Сасуоло - Лацио 1:2 91’
Лацио - Јувентус 3:1 95’
Каљари - Лацио 1:2 98’
Торино - Лацио 3:4 98’

Вчерашниот гол во 98-ма за 3:4 по кој цел тим беше во делириум

Клубот направи компилација со неговите голови во судиско

Па дури почнаа и во вакви друштва да го ставаат. Демек славни играчи кои на ист начин ги слават головите.

2 ноември 2020 - 16:30