Голем бод за Македонија со црвен картон

По триумфот над Ерменија, македонската фудбалска репрезентација одигра задоволувачко реми на гости против Грузија, во второто коло од новата сезона во Лига на нации. Последните половина час ги одигравме со десет играчи откако Висар Муслиу доби незаслужен црвен картон.

Избраниците на Игор Ангеловски се соочија со потежок противник кој на моменти беше подобар и поконкретен на терен, а во 95-та минута пропушти чиста шанса за победа. Но за среќа Дамјан Шишковски покажа рефлекс и ја исфрли топката во корнер.

Во однос на составот од првото коло, имаше три промени. На местото на Ристевски, Николов и Несторовски, во прв состав беа Пандев, Трајковски и Спировски,

Грузијците го отворија резултатот во 13-та минута откако Алиоски на лизгавиот терен собори еден од противниците, а сигурен од белата точка беше Окриашвили.

Радоста на домаќините траеше кратко до 33-та минута од средбата кога Пандев со убава асистенција го најде сам Стефан Ристовски по десно, кој му ја протна топката на голманот за конечни 1:1.

Во 64-та минута. Висар Муслиу доби директен црвен картон по еден лизгачки старт врз Канкава на средината од теренот, и покрај тоа што се чини дека и двајцата одеа на топка и се судрија.

Следните средби во Лига на нации, Макдонија ги игра на гости против Естонија на 11-ти октомври, па дома со Грузија на 14-ти. Полуфиналниот меч против Косово кој беше одложен е закажан за 8-ми октомври во Скопје.