Го победил туморот на коленото, работел како ѕидар, а ќе игра во Премиер лига

Нетипичен е фудбалскиот пат на францускиот фудбалер Флорен Индалесио. Денес слики на Инстаграм, гол со вреќи малтер на 34 степени, утре во дрес на Њукасл, ама не на градилиште, туку во базата на премиерлигашот. Упорен јунак, ама треба некој и да те препорача.

Индалесио во моментов е член на резервниот тим на Њукасл, а на крајот на сезоната се очекува да добие шанса и во првиот тим на Стив Брус.

Неговата сторија е мачна и неизвесна, но сепак му се насмевнува среќата. Како помлад го победил туморот во коленото и извесно време работел како градежен работник, а истовремено сонувал за убава фудбалска кариера на позицијата офанзивен играч за врска.

На почетокот на кариерата во Сен Шамонд, Франција, му дијагностицирале тумор на коленото. Го оперирале и му ставиле неколку завртки за да може полесно да се движи, а прогнозиите на лекарите биле скроз песимистички, дека никогаш повеќе нема да може да игра фудбал.

„Работев напорно по операцијата и бев секој ден во теретана, седум дена во неделата. Целта ми беше да се вратам во форма, а потоа играв за нисколигашот Хаут Лион и бев пресреќен што можев повторно да играм фудбал".

Поради тоа што од фудбалот не можел да заработува, Флорен решил да аплицира за работа во Австралија и во мај 2019 година, заминал да работи во градежништво.

„Им испратив фотографии во работна униформа и им реков дека имам искуство. Три дена подоцна ми се јавија и ми рекоа дека почнувам да работам во Сиднеј. Работев како ѕидар и брзо се навикнав".

Во тој период Флорен играл за австралискиот прволигаш Фрејзер Парк и се надевал дека ќе стане професионалец. Бил во контакт со францускиот фудбалер Алан Сен Максимин, кој е ѕвезда на Њукасл. Се познавале од помладите категории на Сен Етјен.

„Му реков дека сум среќен што живеам во Сиднеј, но дека не сакам да бидам ѕидар засекогаш. Тој рече дека ќе се обиде да ми најде клуб во Англија во понизок ранг. Знаев дека игра за Њукасл и бев среќен за него, но никогаш не разговаравме за неговиот клуб. Тогаш се случи пандемијата и сезоната во Австралија беше прекината. Единствениот приход ми беше градежништво“.

Алан ми се јави, ми рече да дојдам во Англија и дека ќе ми помогне. Отидов и престојував кај него дома .Тој веќе разговарал со луѓе за мене и така ми дадоа шанса, а јас немав појма за тоа. Се покажав добро на пробите и постигнав гол. Така добив едногодишен договор и сега уживам да играм за резервниот тим. Давам сè од себе да останам тука, иако има многу дожд “, вели Французинот.

12 мај 2021 - 14:50