Гигантот со 110 освоени пехари слави 115-ти роденден

Клубот кој важи за најголем во светот по многу параметри, денес ќе дува 115 свеќички во трофејната сала во која ти требаат неколку дена за да ги видиш сите освоени титули.

Во 1894. година студенти и професори од факултетот Institución de Enseranza основале клуб Football Sky. Се собирале и играле секоја недела наутро во населбата Монклоа во Мадрид. 5 години подоцна клубот се поделил на New-Foot-Ball de Madrid и Espanol de Madrid. Следувала фузија која што обединила неколку клуба од градот Мадрид.

На 6 март 1902 година (пред 115 години) браќата Падрос и Хулиан Паласиос основале клуб под името Madrid Football Club а набрзо и основале натпреварување во чест на кралот (ден денес Копа дел Реј). На 29. јуни 1920-та, 18 години по основањето, кралот на Шпанија Алфонс XIII му ја дал титулата кралски на овој клуб (на шпански кралски е Real). Од тој момент клубот го носи името Реал Мадрид. Прекарот Los Merengues го добиле по колачот merengues, традиционален мадридски колач а наскоро ги завикале и Los Blancos (’Белите’).

Уште многу други спортски клубови во Шпанија од почит кон кралското семејство ја имаат придавката Реал Клуб во своето име (Сарагоса, Сосиедад, Мурсија, Селта Виго, Депортиво...) и се под патронажа на кралското семејство коешто им дозволило да ја носат кралската круна на своето лого, грб, амблем.

Кралскиот клуб е најтрофејна институција со најмногу освоени пехари во Лигата на шампионите и со најмногу меѓународни трофеи во историјата на фудбалот. Од таа причина ФИФА го прогласи Реал за Најголемиот клуб на ХХ век.

Во последната сезона Реал Мадрид освои Триплета со триумф во Лигата на шампионите, Супекупот на Европа и Светското клупско првенство.

Благодарение на овие три титули, Мадриѓаните во трофејната сала сега имаат импресионирачки: 11 пехари од ЛШ, 2 од Светското клупско, 3 Интернационални Купа, 3 Супер Купа на Европа, 2 Купа на УЕФА, 2 Латино Купа, 32 титули во Ла Лига, 19 Копа Дел Реј, 9 Супер Купа на Шпанија и еден Лига Куп.

Кристијано Роналдо е најдобриот стрелец во историјата на клубот и годинава ја освои четвртата Златна Топка, премијата The Best на ФИФА.  Реал Мадрид игра на ’Естадио Сантијаго Бернабеу’ којшто е изграден и пуштен во употреба во 1947. година од страна на почесниот претседател и најголема легенда на клубот Сантијаго Бернабеу и Рафаел Салгадо.

Стадионот бил изграден со одобрен кредит од Banco Mercantil e Industrial Bank. Првиот меч на тој терен го одиграле Реал Мадирд и КС Белененшеш и Лос Бланкос славеле со 3:1.

СТАДИОН

Тогаш стадионот броел 75.147 седишта а со текот на годините капацитетот се зголемил на 81.000 седишта за да со проектот од 2003-та и кредит од 300 милиони евра да биде зголемен на 88.500 гледачи. Поголем од овој стадион е само ’Камп Ноу’ во Барселона. ’Сантијаго Бернабеу’ бил домаќин на бројни финалиња од Лигата на шампионите (1957, 1969, 1980 и 2010), Европскиот Куп на Нации (1964) и Мундијалот од 1982.

Овој стадион поседува сопствена метро станица и бројни автобуски линии кои водат до него. Се наоѓа на 13,2 километри од меѓународниот аеродром Барахас во Мадрид.

КОШАРКАРСКА СЕКЦИЈА

Дел од Спортското друштво Реал Мадрид е и кошаркарската секција која што неодамна го освои 27-от Копа дел Реј.

Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид е еднакво трофеен како и фудбалскиот. Има освоено 9 Евролиги (рекорд во ова натпреварување), 33 првенства на Шпанија, 4 Супер Купа на Шпанија, 4 Интенационални Купа, 1 Светско клупско првенство, 4 Рекопа на Европа, 1 Куп Радивое Корач, 1 УЛЕБ Куп и 1 Копа Латина.

ЗАНИМЛИВОСТИ:

- Во 115 години долгата историја, Реал Мадрид одиграл 3.914 официјални натпревари на кои остварил 2.305 победи, 757 нерешени и 852 порази. ’Кралевите’ постигнале 8.441 гола а примила 4.461.

- Тренер со најдолга серија без пораз е актуелниот стратег Зинедин Зидан кој до неодамна ја држеше серијата од 40 меча без пораз!

- Најдолгата серија на победи Реал Мадрид ја имаше со Карло Анчелоти во сезоната 2014/2015 кога имаа неверојатни 22 победи по ред!

- 392 играчи постигнале барем еден гол за Реал. Најмногу од сите дал Кристијано Роналдо.

- 729 играчи одиграле барем 1 минута на официјален натпревар за Реал Мадрид. Раул е Шпанец со најмногу настапи за Реал (741) а Роберто Карлос е странец со најмногу настапи (527).

- Во долгата 115-годишна историја најубедлива победа Реал остварил во сезоната 1942/43 против Барселона во Купот кога славеле 11:1.

- Реал Мадрид имал 237 различни ривали низ историјата. Против Барса одиграле најмногу средби (дури 233). Атлетик Билбао е противник од кој Реал примил најмногу голови (112) и му дал најмногу голови (434).

- Реал имал 18 претседатели во историјата. Најтрофеен е Сантијао Бернабеу со 32 титули.

- Во светот Реал неофицијално има околу 450 милиони навивачи и околу 2.300 ФАН Клубови.