Германски фудбалер преживеа инфаркт и реши натпревар во 90 минута

Даниел Енгелбрехт го има најјуначкото срце и тој стана првиот фудбалер во Германија кој заигра со вграден дефибрилатор во градите.

24 годишниот член на Штутгартер Кикерс, екипа која се натпреварува во третата германска лига заедно со вторите тимот на Баерн, Штутгарт и Вердер, минатата година доби срцев удар и колабираше на сред натпревар.

Тој мораше да направи четири операции и да мирува цела година, а доби совети од лекарите повеќе да не игра фудбал.

По 16 месечна пауза, Енгелбрехт во ноември оваа година се врати на терените и почна да добива мала минутажа, а работата на срцето му ја контролира дефибрилатор.

Додека неговиот тим имаше 1:1 на дуелот против Вехен, во 83 минута тој влезе во игра и по само 7 минути постигна гол за конечни 2:1.

Голот го прослави со солзи на очите и маица на која пишуваше „ништо не е невозможно“. По натпреварот изјави дека моментот за него бил неверојатен, а неговиот тренер рече дека голот бил емотивно доживеан од сите во клубот.

Едногодишната пауза од фудбалот Енгелбрехт ја опиша како кошмар, бидејќи бил постојано под силни лекарства и не смеел да има никаква физичка активност.

11 декември 2014 - 17:31