ФИФА против шемата за неплаќање данок

Адвокатите на ФИФА работат на укинување на шемата со која трансфери направија повеќе бразилски фудбалери, вклучувајќи и еден нов играч на Реал Мадрид.

Ваквата пракса на правење трансфери се практикува уште од 90-те години од минатиот век и според проценките трансферите вределе вкупно околу 60 милиони долари.

Главни актери во шемата се „инвеститори" кои ги купуваат правата на талентирани фудбалери, кои потоа фиктивно потпишуваат за клубови од уругвајската втора лига.

Потоа овие фудбалери се праќаат на позајмица во бразилски клубови каде тие треба да се докажат и од каде подоцна ќе бидат продадени во Европа или Азија.

Со фиктивното потпишување, односно трансферите преку Уругвај, инвеститорите" прават поголема заработка затоа што за трансфери на фудбалери во оваа земја се плаќа данок од само 4%.

Еден од овие фудбалери е и Вилиан Хозе да Силва кој минатиот месец како позајмен фудбалер му се приклучи на Реал Мадрид. Тој ќе биде дел од вториот тим на „кралскиот клуб" и ако се докаже Реал Мадрид има опција да го откупи неговиот договор.

7 февруари 2014 - 16:04