Квалификации за СП 2018

Фантастична Македонија до историски бод со Италија

Во претпоследното коло од квалификациите за Светско првенство 2018, македонската фудбалска репрезентација забележа историски резултат откако ремизираше со Италија на гости 1-1 (1-0).

Македонија има само еден пораз во 2017-та година и тоа од Шпанија во јуни. Од тогаш до сега не знаеме за пораз и играме допадлив фудбал кој овојпат има резултати.

На некогашниот „Олимписки стадион“ а денес стадион „Гранде Торино“ (клубот неодамна го зеде под концесија), селекторот Игор Ангеловски ниту за дуелот против реномираниот противник не отстапи од офанзивната формација 3-4-3 со Илија Несторовски во самиот шпиц и Пандев и Хасани зад него. Во одбраната младиот играч на Вардар Висар Муслиу го одигра најдобриот меч во кариерата откако успешно командуваше со последниот ред.

Италијанците, очекувано ја презедоа иницијативата на играта и имаа посед на топка од самиот старт, но „црвено-жолтите“ без никаков страв ги одбиваа сите напади на „Аѕурите“ чиј шпиц го предводеа Инсиње и одличниот Чиро Имобиле.

Токму фудбалерот на Наполи уште во 7’ минута излезе сам пред нашиот голман но Димитриевски со супер-интервенција го спаси својот гол. Десет минути подоцна капитенот Пандев сам изгради добра позиција, шутираше силно но Буфон рутински ја фати топката.

Концентрацијата падна во самиот финиш од првиот дел кога Киелини остана сам пред голот на Столе Димитриевски и по додавањето на Имобиле го отвори резултатот. 1-0 за Италија. Осми гол во 93 настапи за Џорџо.

Само една минута по примениот гол, нашите репрезентативци, поточно Несторовски искористи едно невнимание на Бонучи ја зема топката но Прилепчанецот беше пократок во обидот да шутира преку Кијелини.

Со 1-0 за Италија се замина на паузата.

Во вториот дел, храбрите македонски репрезентативци како да решија дека можат до подвиг. Тргнавме одлично и полека но сигурно го префрлавме тежиштето на играта на половината на четирикратниот светски шампион. Доказ за тоа беше и статистиката - (5 шута за Македонија од кои 3 во рамки на голот, Италија само 1 далеку од голот на Димитриевски).

Се редеа одлични прилики а круна на фантастичната игра стигна во 77’ минута кога по комбинацијата на Несторовски, Пандев маестрално го проигра Алекс Трајковски кој го легна Буфон со сјаен шут за 1-1.

Со овој златен бод освоен против една од најголемите селекции на светот, Македонија сега има 8 бода пред последното коло. Циклусот го завршуваме против Лихтенштајн во понеделник во Струмица. Со вечерашната игра и резултат, дечките ветуваат многу подобро утро за македонскиот фудбал.