Џабе се од главен град кога играчите им бегаат на север

Ако Баерн Минхен е немилосрден во Германија, а Реал и Барса во Шпанија, тоа во Италија е Јувентус. Актуелниот италијански шампион кој 5 години не го дава тронот, со овој начин на работа ќе владее уште многу, особено кога на конкурентот за титулата им ги купува главните играчи.

Трансферот на Миралем Пјаниќ од Рома во Јувентус само ја потврди моменталната ситуација со фудбалот во Италија. Во овој момент има само еден голем тим, тоа е Јувентус, додека Милан и Интер се уште лутаат по вистинскиот газда тој треба да им донесе нови убави времиња.

Рома упорно се обидува да му пркоси на Јувентус во борбата за титулата, но освен што завршуваат втори или трети на табела, ги губат битките и на трансфер пазарот, а тоа се случува веќе 15 години.

Кога на 27 август 2012-та клубот од Рим од познатата фамилија Сенси го презеде американско-италијанската управа, ветуваа брда и долини, најголеми засилувања од Европа и преземање на приматот во Серија А. За сега од тоа нема ништо.

Додуше парите се трошат за добри засилувања, но трофеи нема. Рома со Миралем Пјаниќ го имаше еден од најдобрите играчи од среден ред со офанзивни задачи кој е и специјалист за слободни удари, но кога Босанецот влезе во врвна форма тие пред два дена му го продадоа на Јувентус.

Додека генералниот директор на Рома, Мауро Балдисони се трудеше да ги смири страстите меѓу навивачите и да го обвини Пјаниќ за заминувањето, од друга страна директорот на Јувентус Бепе Марота кусо изјави:

„Пјаниќ наскоро ќе оди на медицински прегледи“.

Тоа и се случи. По два дена Миралем Пјаниќ пристигна во Торино. Рома доби 32 милиони евра, а Јувентус големо засилување со кое практично и го ослабна конкурентот за титулата. Но ова не е прв ваков случај меѓу конкурентите за титулата, туку тоа се случуваше и кога Франко Сенси по освоената титула во 2001-ва ја загуби моќта да се бори на пазарот со хиените од северот.

Распадот на тој шампионски состав почна летото 2003 година кога Кафу место веќе во договорениот клуб Јокохама како слободен играч, од Јапонија го смени правецот накај Сан Сиро. Тоа беше одличен маневар на Адријано Галијани бидејќи со тој потег ја затвори десната бековска позиција за наредни пет години.

Бразилскиот бек својата одлука ја правдаше со стравот од вирусот САРС кој тогаш хараше по Азија, но постоеше сомнеж дека тоа беше само начин да по заобиколен пат да оди во Милан, клуб со големи европски амбиции.

Кога Јувентус виде како прави Милан и тие почнаа да ја користат финансиската слабост со која почна да се соочува Рома. Веќе во наредната сезона им го купија Емерсон кој важеше за еден од најдобрите играчи од среден ред во тоа време во Европа.

Бразилецот беше симбол на силната Рома, но во 2004-та јавно изрази желба за трансфер во Јувентус и стана персона нон грата во вечниот град. Јувентус го купи Емерсон за 28 милиони евра, но тоа не им беше доволно и им го зема и Џонатан Зебина како слободен играч. Финансиската стабилност Рома ја обезбеди и со продажбата на Валтер Самуел во Реал Мадрид за 23 милиони евра.

Во стилот на Милан и Јуве, продолжи и Интер кој во 2007-ма им го купи Кристијан Киву за 15 милиони вера, а следната сезона го засилија средниот ред со брзиот Мансини за сума од 13 милиони евра.

Јуве во игра се врати во 2011-та кога во Торино го донесе Мирко Вучиниќ за 17 милиони евра, а истото лето Фелипе Мексес без обештетување премина во Милан. Тоа беа и последните зделки на тогашното раководство на Рима предводено од Розела Сенси.

Откако во 2012 година Американците ја купија Рома, освоија 0 титули и се уште немаат трофеј од Купот во 2008-ма, а Јуве освои 5 Скудета по ред и по три Купови и Супер Купови на Италија.

Играчите кои од Рим заминаа во северна Италија:

Кафу – Милан (2003) – слободен играч
Емерсон – Јувентус (2004) – 28 милиони евра
Зебина – Јувентус (2004) – слободен играч
Дакур – Јувентус (2006) – слободен играч
Киву – Интер (2007) – 15 милиони евра
Мансини – Интер (2008) – 13 милиони евра
Мексес – Милан (2011) – слободен играч
Вучиниќ - Јувентус (2011) - 17 милиони евра
Ромањоли – Милан (2015) – 25 милиони евра
Бертолачи – Милан (2015) – 20 милиони вера
Пјаниќ – Јувентус (2016) – 32 милиони евра

15 јуни 2016 - 09:54