Екстремно тестирање: Џесика

Пред тековните реформи во високото образование, надлежното министерство и автономијата на Универзитетот се испречува неочекуван а гигантски предизвик. Се вика Џесика.

Џесика успева со прецизен турбо удар да ја скрши целата сериозност на моментно најжешката образовна тема наречена "екстерно тестирање". Вешто користејќи ја драматиката на еротската ситуација студентка- професор, таа елегантно успева да го натера слушателот наместо на екстерно да размислува за екстремно тестирање како што сугерира во стиховите:

Дај покажи ми  - сè!
Дај научи ме - сè!
Дај испрашај ме - сè!

При што Џесика не се прашува дали тој професор све тоа треба да го прави за истата мизерна плата што ја добива или може да очекува некој бонус по учинок.

Субверзивниот елемент во нејзиниот свеж хит "Професоре" се наѕира уште при самото отворање на песната кога ги закопува надежите за објективност и еднаквост во образовните шанси:

Нова лекција,
учам со протекција.

... ќе рече Џесика по што ќе не внесе во реалноста на студентското секојдневие во кое нема никаков компјутер како што зборат властите и провладините медиуми па Џесика мора своите намери кон професорот да ги искаже оставајќи масен намаз кармин на обична тетратка (со Барбики на корицата, ако баш сакате да знаете).

Но, на Џесика не и е лесно не само заради чувствата кон професорот. Со оглед на тоа што со професорот е на слични години како неа, се поставува прашањето колку тоа години студира Џесика? Ама па, од друга страна, како да не студира толку години кога е таа уверена дека учи "биологија, секси анатомија" а од таблата јасно се гледа дека професорот предава машински предмети?

Конечен удар Џесика ќе зададе во последните сцени од спотот во кој ни открива дека вообичаено место за студентски вежби е теретаната.

Како ли после оваква песна ќе заспие Спиро Ристевски? Што ли за овој анти- болоњски удар на Џесика мисли ректорот Велимир Стојковски кој се надеваше дека ваквите проблеми ќе бидат испудени со традиционалниот Молебен на почетокот на универзитетската година?  

Ве оставаме сами да ги откриете останатите аспекти на хитот "Професоре", пакосно надевајќи се дека и вам под кожа ќе ви се вовлече најјакиот стиховен момент од песната:

Згоден си недвосмислено,
усно и писмено.

Аххххх.... Gaudeamus Igitur!

 

31 мај 2014 - 22:56