Две главни дилеми на Австрија пред дуелот со Македонија

За разлика од 2016-та година кога Австрија за вторпат во историјата се пласираше на едно Европско првенство откако во 2008-ма беше ко-домаќин со Швајцарија, овојпат тамошната јавност нема големи очекувања од својата репрезентација.

Македонија и Австрија во недела од 18:00 ќе играат меѓу себе во 1. коло од групната фаза. Со Австријците немаме добар учинок, изгубивме на последните 2 средби со нив а едниот пораз во Скопје во квалификациите беше убедлив (1:4).

Но првиот ривал на Пандев, Барди, Елмас и другарите во последно време како да е западнат во летаргија па јавноста во Австрија е како нашата јавност пред 6-7 години кога немаше некој претеран оптимизам околу репрезентацијата.

Селекцијата предводена од Франко Фода повеќе од 180 минути фудбал нема дадено гол: квалификации за Светско 2022 против Данска во Виена (пораз 0:4), пријателска против Англија пред Евро2020 (пораз 1:0) и пријателска против Словачка (0:0).

Поголемите австриски медиуми пренесуваат дека навивачите на Das Team се разочарани од претерано дефанзивната и досадна игра која ја форсира селекторот Франко Фода.

НА ШТО АНГЕЛОВСКИ И СТРУЧНИОТ ШТАБ ТРЕБА ДА ОБРНАТ ВНИМАНИЕ?

Австрија го има еден од Топ5 универзалните фудбалери во Европа, Давид Алаба. Се работи за трофеен играч кој со Баерн Минхен освои сè што можеше да се освои па потпиша договор со Реал Мадрид.

Алаба во Баерн играше на неколку позиции: лев истурен бек, лев стопер, последен играч за врска и повлечен лев бек. На секоја позиција подеднакво добро се справува, но австриските колеги му сугерираат на селекторот да не ја продолжува праксата на Баерн каде екстра брзиот Давид командува како стопер и да го стави на една од другите негови позиции.

„Според мене, мислам дека селекторот треба да најде одржливо решение во играта. Прашањето за идеалната позиција на Давид Алаба во тимот е лесно да се одговори. Јас го гледам во улогата која Пеп Гвардиола му ја смисли: како лев офанзивен бек кој ќе се уфрла често во средина и ќе учествува во поседот на топка.

На овој начин сите негови квалитети можат да дојдат до израз: може да игра како трет играч во изградба на акциите пред стоперите во таканаречениот build-up.

Со тоа и одбраната би била заштитена од изгубени топки, па екипата не би морала да ги менува снажните и високи стопери кои би можел да ги искористи. Ако игра класичен стопер, Алаба ќе го стави Хинтерегер во втор план и Австрија ќе изгуби на дуел игра“, пишува Мухамед Акаѓундуз, Турчин кој од 1987-ма година е во Австрија каде смени неколку клубови и запиша 10 настапи за репрезентацијата на оваа земја.

Мухамед е во право. Хинтерегер е исто левак (ретки се левоногите стопери), висок е и доста снажен во дуели што македонската офанзива би можела да го искористи со брзоногите и пониски фудбалери во навала, но исто би можеле да имаме проблем при прекини каде во отсуство на Несторовски немаме тн. шпиц-разбивач/сидраш.

Втор стопер би можел да биде Филип Линхарт кој беше дел дури и од системот на Реал Мадрид кој в 2014-та прво го позајмува па во 2015-та го откупува од Рапид Виена за 800.000 евра. Интересно Линхарт бил стандарден дел од третиот тим Реал, Кастиља и тоа во време кога таму тренер беше Зидан а играше Мартин Одегард.

Високиот и млад стопер за првиот тим на Реал бил повикан од Рафа Бенитез за меч од Ла Лига против Леванте, а дебитирал во 2015-та во Копа дел Реј против Кадиз на гости кога го заменил Хамез Родригез. Од 2017-та е член на бундеслигашот Фрајбург.

НАПАДОТ НА АВСТРИЈА

Втора, можеби и поголема дилема за австрискиот селектор Франко Фода е дали во исто време во формација 4-4-2 или 5-3-2 да игра со двајцата високи и корпулентни центарфори: Саша Калајџиќ и Марко Арнаутовиќ.

Вториов иако е висок 1.92 см, има одлична стартна брзина и знае да биде незгоден во дуелите еден-на-еден со нашите дефанзивци. Но заедно со Калајџиќ во самиот шпиц и двајцата лесно би можеле да се изгубат.

„Никако двајцата во шпиц!“, како од топ вели стручниот коментатор Аканѓундуз и продолжува:

„Калајџиќ е класичен центарфор чии најдобри квалитети се во шеснаесетникот, посебно ударите со глава. Скоро често ја напушташе својата позиција и се повлече па беше свртен со грбот према гол ама на средината на теренот.

Поради тип на играчи како Баумгартнер, Забицер или Ксавер Шлагер, ова не е ефикасно. Од една страна сите овие подобро доминираат во играта меѓу одбраната и средниот ред, а второ шпицот недостига во нападот.

Во комбинација со позицијата на Алаба (лев истурен бек), Арнаутовиќ како лево крилен напаѓач би бил идеален. Од таму во недела би можел да се пробива зад очекуваниот среден ред од пет играчи, со дриблинг да прави опасности и со центаршути да ја искористи снагата на Калајџиќ“

Прочитајте и уште:

ДА СЕ ЗАПОЗНАЕМЕ СО РИВАЛИТЕ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКО: I ДЕЛ АВСТРИЈА