Чудниот фудбалски пат на Жиле, го отпуштија од Бенфика, ги исфрли од Лига на шампиони

Она што му се случи на 24-годишниот Нишлија, некогашен бисер на белградски Партизан е само доказ колку фудбалот е необична игра во која некогаш не се пресудни моќта и парите.

На крајот од минатата сезона Бенфика на неверојатен начин ја испушти титулата во Португалија. Имаа огромна предност пред Порто но врзаа серија од дури 12 меча без победа и титулата отиде кај големиот ривал. Навивачите жестоко протестираа, го гаѓаа клупскиот автобус со камења, им се закануваа на играчите.

За ситуацијата да не се повтори и годинава, летово клубот направи права револуција: од Бразил го вратија трофејниот тренер Жорже Жезус и купија многу скапи играчи.

Од Јужна Америка донесоа тројца супер талентирани Бразилци: репрезентативецот Евертон од Гремио (20 милиони евра), Педрињо од Коринтијанс (18 милиони евра) и дефанзивецот Жилберто (3 милиони евра). Дојдоа и нови напаѓачи: Дарвин Нуњес од Алмерија (24 милиони евра) и Лука Валдшмит (шпиц на германската репрезентација кој дојде за 15 милиони евра).

Како слободен агент Бенфика ја засили и искусниот стопер Јан Вертонген.

На сите трансфери летово Бенфика потрошила околу 80 милиони евра (во поголем минус влегле само Челси и Атлетико).

На излезна врата меѓу другите се најде и Андрија Живковиќ, детето на белградски Партизан кој неколку сезони не успеа да се избори за место во Бенфика. Португалскиот клуб реши да го пушти како слободен играч со раскинат договор на 26 август.

На 31 август се влечеше ждрепка за 3. квалификациско коло во Лига на шампиони и на ПАОК очекувано, по традиција кога не му падна Ајакс, му падна Бенфика.

На 8. септември Андрија Живковиќ потпиша договор со ПАОК.

Поради глобалната пандемија, УЕФА реши формат со 2 меча (со реванш) да има само во плејофот, па затоа во сите претходни кола се игра само по еден натпревар.

ПАОК синоќа во Солун поведе во 63' минута после автоголот на Вертонген.

Во 66' минута во игра влезе Андрија Живковиќ. После само 9 минути направи дар мар во противничкиот шеснаестник и прецизно погоди во поблискиот агол за 2:0.

Жиле не го прослави голот, крена раце демонстративно во знак на уважување на својот довчерашен клуб во кој помина многу години но не доби права шанса.

Интересно, јунак на мечот беше еден друг Живковиќ. Оној на голот, Живко Живковиќ, исто некогашно дете на Партизан кој бранеше фантастично синоќа и прими гол дури во 94' минута за конечни 2-1.

Бенфика ќе продолжи во Лига Европа, а ПАОК со двајцата Живковиќ ќе игра во плејофот за пласман во групна фаза од Лига на шампиони каде ги чека руски Краснодар.