Чиро Имобиле за 20 дена има 7 негативни и 5 позитивни тестови

Во 2019/2020 сакаш да си Имобиле, фаца број 1 во Италија и Европа со 36 првенствени гола. Во 2020/2021 нејќеш да си Имобиле, бидејќи повеќе е во лаборатории, отколку на терен. Ковид 19 годинава дефинитивно е ретардирана појава број 1 на планетава.

Многу клучни играчи периодов беа или се во аут и за клупските и за репрезентативните настапи, што се разбира е хендикеп за тимовите, но кај Имобиле случајот е поразличен и тотално апсурден.

Додека италијанската репрезентација синоќа славеше против БиХ на гости, победа вредна плејоф во Лига на нации, напаѓачот на Лацио се радуваше само како гледач. Ова неговото стана тешка сапуница која се разбира најмалку му се допаѓа на Симоне Инѕаги, кој месецов само еднаш можеше да смета на него.

На Чиро му се случи нова несфатлива ситуација по која веројатно и конечно ќе може да продолжи да игра фудбал.Тој денеска беше два пати тестиран во две различни лаборатории. На првиот резултат е позитивен, на вториот негативен.

Сумирано Имобиле за 20 дена добил 7 негативни и 5 позитивни тестови. Да полуди човек. Последниот негативен тест се чини дефинитивно му дава слобода да може да игра. Ќе видиме до кога.

Тој се очекува уште попладнево да се појави на тренинг со оглед на тоа што Лацио веќе во сабота има натпревар против Кротоне.

Инаку поради ова несфатливо општо лудило со тестовите, Златната копачка не тренира со тимот од 3 ноември, а последниот меч кој го одигра е на 1 ноември против Торино кога влезе во второ.

Италијанските медиуми пишуваат дека тој постојано е асимптоматски случај и ова сигурно му е еден од најтешките предизвици во кариерата од психолошка гледна точка.

Сега прашање е и во каква форма ќе се врати, со оглед на тоа што периодов тренираше само дома со тренер.

19 ноември 2020 - 14:31