Цел живот гинеш за репрезентација и не играш на Светско поради кокаин

Најдобриот стрелец во историјата на селекцијата на Перу и центарфорот кој на 18 години кинеше мрежи во дресот на Баерн Минхен нема да го оствари животниот сон да ја поведе својата земја на еден Мундијал.

Репрезентацијата на Перу се пласираше на Светско првенство првпат од 1982 година. Навивачите од оваа земја толку многу се радуваа на победата против Нов Зеланд во баражот, што предизвикале мал земјотрес а следниот ден бил прогласен за празник во државата.

Но славјето му преседна на капитенот и најголема ѕвезда на репрезентацијата Паоло Гереро кого ФИФА после само неколку недели (на 3. ноември) го суспендирала еден месец поради тоа што бил позитивен на допинг-тест после мечот против Аргентина на 5. октомври.

Во крвта на 33-годишниот центарфор бил најден метаболит кокаин односно бензоилекгонин (продукт од преработка на кокаин). Гереро тогаш ветил дека ќе ја докаже својата невиност.

„Никогаш не сум имал проблем со тоа, во ФИФА згрешија“, рекол шпицот кој играше и за Баерн Минхен.

Неговите адвокати пратиле допис и медицински извештај во кое стои дека материјата што му ја нашле му влегла во организмот преку препаратот за лечење настинка или просто случајно. Неколку Перуанци се собрале пред седиштето на ФИФА во Цирих со цел да го поддржат играчот.

Тоа не помогна и секоја надеж на Гереро потона затоа што привремената суспензија ФИФА ја преиначи во едногодишна забрана за играње и поради неа Паоло Гереро, најдобриот шпиц на Перу нема да игра на првиот Мундијал за неговата земја после 36 години!

Уште по историскиот меч со Нов Зеланд, Џеферсон Фарфан, еден од најдобрите перуански играчи на сите времиња кој игра во Локомотив Москва го поддржал Гереро: веднаш по дадениот гол тој го соблекол дресот и му го дал на другарот (заедно на крајот од ’90-те ја почнале кариерата како мали во фудбалската школа на клубот Алијанза Лима). Фарфан е најдобар стрелец на Перу во квалификациите и скоро сигурно ќе игра во Русија 2018.

Што се однесува до Гереро, тој уште на 18 години кога стигна во Европа потпиша со Баерн Минхен. Во првиот тим одигра пар сеони, по два пати ја освои Бундеслига и Купот на Германија и замина во Хамбург каде остана цели шест години.

Во 2012-та се врати во Јужна Америка каде и денес игра, во Бразил за Коринтијанс.

За репрезентацијата на Перу Паоло Гереро одиграл 86 меча и дал 33 гола (5 во квалификациите за СП 2018). Во 2011 и 2015 Перуанците завршуваа трети на Копа Америка а најдобар стрелец и на двата турнири беше корпулентниот Гереро кој најверојатно нема да го оствари животниот сон да игра со својата земја на Светско првенство.

Повеќе натпревари од него за репрезентацијата на Перу одиграле само 7 играчи а повеќе голови не дал никој...