Бразилците го замолчеа Пеле

Протестите во Бразил не престануваат веќе две недели, а анкетите покажуваат дека дури три четвртини од населението ги поддржуваат. Откако легендарниот Пеле порача да се заборават и да се мисли повеќе на фудбалот, му се нафрлија по социјалните мрежи.

Пеле без дилема е најголемата фудбалска фигура во историјата на Бразил, но ниту тој не може да им влијае на своите сограѓани кога е во прашање правдата која секој ден ја бараат по улиците во повеќе бразилски градови.

На една локална телевизија тој изјави дека треба да се заборават овие протести за да се потсетеле сите дека фудбалската селекција на Бразил е како нивна татковина која им е "влезена под кожа". Но тоа предизвика лоши реакции на социјалните мрежи.

„Целата организација на Купот на Конфедерации и изградбата на стадионите чинат милиони, а да не зборувам за парите кои ќе се потрошат за Мундијалот. Затоа оди во ѓаволите".

„Оди во болница, потоа качи се во автобус без обезбедување, потоа ќе те видам дали ќе зборуваш и понатаму такви глупости".

„Твојата индиферентност е иста со твоите генијални вештини за фудбал".

Легендарниот поранешен фудбалер не остана рамнодушен на овие напади и напиша на Твитер дека отсекогаш се борел против корупцијата и дека целосно ги поддржува протестите за правда во Бразил.

Протестите се одвиваат во десетина градови, а на улица излегоа рекордни 250.000 луѓе кои бараат промена на политичкиот систем поради корупцијата во државата и поскапувањето на јавниот превоз, но тие се спротивставија и на одржувањето на двата големи спортски настапи на кои ќе се трошат огромни пари.

23 јуни 2013 - 14:35