Болниот хулиган се врати на стадион

Во минатото бил страшен хулиган, а сега е тешко болен пациент врзан за својот кревет. Бертус Сеилмакер по 12 години се врати на својот омилен стадион.

Кога Бертус Сеилмакер ќе влезел на навивачката трибина на холандскиот клуб Утрехт, сите се плашеле од дебелиот хулиган и бегале на страна. Сега посетителите на стадионот на Утрехт повторно се поместуваат на страна, но не затоа што се плашат од него, туку за да направат место за болничкиот кревет на Бертус.

Во минатото тој бил еден од водачите на ултрасите на Утрехт, но откако се разболел неговата тежина достигнала до 300 килограми и бил врзан за кревет.

53-годишниот Бертус по пауза од 12 години викендов имаше шанса повторно да го посети омилениот стадион и да го бодри Утрехт од специјалната ВИП кабина која му ја обезбеди клубот. Неговиот тим не победи и одигра само 1:1 со Твенте, но Бертус за време на 90-те минути беше најсреќниот човек на светот.

Тој веќе никогаш нема да може да оди, но добро напредува и веќе ја симнал тежината на 200 килограми и се надева дека следниот пат наместо во кревет ќе може да го бодри Утрехт од инвалидска количка.

7 март 2014 - 11:59