Бенитез се враќа од каде што тргна

Откако заврши како петтопласиран во Серија А со Наполи, на Рафа Бенитез му истече договорот и го напушти италијанскиот клуб. Денес се врати во местото каде пред 20 години се калеше како тренер и ги водеше младинците.

На прес конференција во Мадрид денес, Рафаел Бенитез и официјално потпиша 3-годишен договор и беше промовиран како нов тренер на Реал Мадрид. Веднаш по потписот на договорот, 55-годишниот Шпанец се прошета низ тренинг центарот на Кралскиот клуб, Валдебебас каде водич му беше Зинедин Зидан.

Бенитез во Реал доаѓа на местото на Карло Анчелоти, кој замина откако ја заврши сезоната без ниту еден освоен трофеј. Италијанецот лани го поведе Реал до 10-та титула во Лигата на шампионите, но сезонава заврши зад Барселона.

Рафаел Бенитез ја започна својата тренерска кариера на Сантијаго Бернабеу како тренер на Б тимот на Реал Мадрид, каде работеше од 1993. до 1995. година. По цели 20 години, Бенитез се враќа во Мадрид.

„Емоционален ден за мене, се вратив дома. Сакам да им заблагодарам на сите за довербата, а со себе ја носам идејата за работа и посветеноста кои ги донесов во секоја екипа што ја водев. Се надевам дека мојата нова екипа ќе игра добро и дека ќе освои многу титули. Ветувам дека ќе работам максимално“, изјави Бенитез на денешниот прес.

Бенитез на два пати ја освојуваше Ла Лига со Валенсија, во 2002. и 2004. година, кога го крена и трофејот од Купот на УЕФА. По овој успех, Бенитез го биеше глас дека екстремно внимателно ги подготвувал натпреварите, по што Ливерпул потпиша договор со него во 2004. година како замена за Жерар Улие.

Во првата сезона на Енфилд Роуд, Бенитез на Ливерпул му ја донесе Лигата на шампионите и трофеј во ФА купот следната година. Ливерпул под негово водство беше втор во Лига Куп финалето 2005-та, како и вицешампион во ЛШ 2007-ма.

Во богатата кариера, Бенитез ја освои и Лигата на Европа со Челси пред две години, но навивачите никако не прифатија што е поранешен тренер на Ливерпул и Шпанецот беше принуден да замине. Од Лондон замина за Милано во 2010. коа стана тренер на Интер на место Жозе Мурињо. Сепак, по само 6 месеци во декември истата година мораше да си оди затоа што Интер заостануваше цели 13 бодови зад лидерот Милан.

Во првата сезона како тренер на Наполи го освои Купот на Италија, а денес стана деветтиот тренер на Реал Мадрид во последните 10 години.