Аргентинска фешта со 12 гола, хет-трик на Меси и погодок на Батистута

42 годишниот Макси Родригез одигра проштален натпревар кој мина спектакуларно во клупската средина каде ја почна и ја заврши кариерата. Ѕвезда на вечерта беше Лео Меси.

42.000 гледачи уживаа на стадионот Марсело Биелса во Розарио, каде голем број на фудбалски ѕвезди дојдоа да го испочитуваат Макси Родригез, кој се пензионираше официјално пред две години, а ноќеска му организираа проштален меч.

Почна во Њуелс Олд Бојс во 1999-та и таму реши да ја заврши кариерата во која ги носеше дресовите и на Еспањол, Атлетико Мадрид, Ливерпул и Пењарол. За Аргентина има 57 настапи и три мундијалски учества.

Во негова чест беше одигран натпревар токму меѓу Њуелс Олд Бојс и Аргентина кој заврши 7:5 за клубот од Розарио.

Ѕвезда на вечерта беше неговиот поранешен пријател и репрезентативен колега, Лео Меси кој се појави на местото каде ги направи првите фудбалски чекори.

Беше претставен спектакуларно, а дојде токму на денот на неговиот 36-ти роденден и постигна хет-трик.

Инаку посебен беше моментот кога на терен се појави Бенџамин Агуеро, синот на Серхио Агуеро кој бил спречен да присуствува. Му подари дрес на Макси Родригез од дедо му Марадона, кој инаку ја носел за Њуелс Олд Бојс.

25 јуни 2023 - 17:56