Додека гледавте Лига на шампиони

Андора лудо ја прослави првата победа после Македонија

Фудбалерите на Андора синоќа ја прекинаа серијата од 86 меча и дури 4.515 дена (12 години и 4 месеци) без победа и славеа абнормално еуфорично. Не е на одмет да потсетиме дека последен пат ја победија Македонија со 1:0 во 2004-та.

Андора славеше на гостински терен против Сан Марино со 0:2 и тоа беше прва гостинска победа за нив во 21-годишната професионална историја во фудбалот.

Поведоа со голот на Лима од пенал во 28’ минута. Лима има 34 години игра во одбраната и со 11 гола е најдобар стрелец во репрезентацијата на Андора.

Кристијан Мартинез во второто полувреме ги постави конечните 0:2 со неговиот втор гол за репрезентацијата и на земјата со околу 85.000 жители им ја донесе првата победа после цели 4.515 дена!

Мечот се играл по страшно густа магла, па дури ни човекот кој коментира од горе не видел кој го дал вториот гол, само видел дека некои гости се радуваат.

Андорците сега имаат 134 порази, четири победи и 12 нерешени средби. Од 2000-та па наваму на ѕидот на фудбалскиот срам ги ставаа: Белорусија (2:0), Албанија (2:0), Лихтенштајн (1:0) и Македонија(1:0 пред 120 луѓе). За Сан Марино синоќешниот пораз беше 75 по ред. Во квалификациите за Мундијалот 2018, Андора игра во група со Унгарија, Швајцарија, Португалија и Фарски Острови. Сан Марино од друга страна игра во група со Германија, Норвешка, Северна Ирска и Чешка Република.

23 февруари 2017 - 09:57