12 жолти, 5 црвени картони и тепачки - дербито на Франција што ќе влезе во книгата

Со два порази по ред на отворањето на француската Лига 1, ПСЖ го има најслабиот старт во последните 40 години. Синоќа изгубија од најомразениот ривал во лигата, Марсеј кој славеше со 0-1. Но дербито остана во сенка на многу тепачки и прекини на теренот.

Дербито на Франција постои од почетокот на '90-те години. Ако на крајот од ХХ век предноста во голема мера беше кај Олимпик Марсеј кој тогаш доминираше ширум Европа и беше главен француски клуб (европски шампион), тоа сега неколку години е ПСЖ по доаѓањето на богатите шеици во управата на клубот.

Последната победа на Марсеј над ПСЖ датира од ноември 2011-та година кога Нејмар уште играше за Сантош, а Килиан Мбапе имал само 12 години. Скоро 10 години Олимпик немаше триумф во главниот град.

Но во неделата им се пружи голема шанса да го прекинат овој долг пост: коронавирусот го преполови ПСЖ на почетокот на новата сезона (позитивни беа Нејмар, Мбапе, Кејлор Навас, Паредес, Анхел Ди Марија и Маркињос - скоро пола прв тим).

Во првото коло сите овие играчи отсуствуваа и ПСЖ изгуби од новајлијата во Лига 1 Ленс со 1-0, а синоќа и од Марсеј предводен од Андре Вилаш-Боаш и покрај тоа што во состав се вратија Нејмар, Навас, Паредес и Ди Марија.

Во 31' минута миленикот на навивачите на Марсеј, Дмитри Паје одлично асистираше а Флоран Тован го отвори резултатот и ги шокираше домашните навивачи (во Франција веќе се игра фудбал со ограничен број на гледачи на трибините):

Иако повторената снимка покажа дека Тован најверојатно бил во недозволена ситуација, ВАР тоа не го покажа.

Но набрзо стигнаа и нови спорни моменти. Први на Ди Марија оправдано му беше поништен гол поради очигледен офсајд, а Марсеј постигна и втор гол во ситуација кога немаше никаков офсајд и неоправдано им го поништија:

Кулминацијата на нервозата стигна во судиското продолжение. Бразилецот Нејмар кој доби жолт картон уште во 11' минута, во 93' минута физички се спречка со Алваро Гонзалес за кого рече дека расистички ги навредил него и Ди Марија.

Набрзо во целата гужва влезе и темпераментниот играч на ПСЖ Паредес и почна општ хаос и тепачки. Крајниот епилог: директни црвени картони за Левен Курзава и Жордан Амави, втори жолти картони и автоматски црвени за Аргентинците Бенедето и Паредес, а по прегледување на ВАР црвен картон и за Нејмар

14 септември 2020 - 09:32