10 финалиња, 10 гола, 10 трофеи

Дидие Дрогба е синоним за трофеи. Со неговиот гол во 99. минута Галатасарај го освои третиот трофеј по неговото пристигнување во Турција, а 10. голем трофеј за кој е заслужен Дрогба.

Екипата на Галатасарај го освои турскиот Супер Куп на финалниот натпревар пред 35.000 гледачи во Кајзери по победата над освојувачот на купот Фенербахче. Во регуларните 90 минути натпреварот заврши без голови, а победничкиот погодок го постигна Дрогба во 99. минута.

Дрогба е член на Галатасарај само шест месеци и веќе освои три трофеи - турското првенство, Емирејтс купот и турскиот Супер куп.

Во својата богата кариера Дрогба има освоено премногу титули, а бил директно најзаслужен за 10 големи трофеи.

Во дресот на Челси беше стрелец и ги освои трофеите во четири финалиња од ФА купот, две финалиња на Лига купот, два Супер купа на Англија, а беше стрелец на израмнувачкиот гол и на решавачкиот пенал во финалето од Лигата на шампиони во 2012. година.

Финалето од турскиот Супер куп е 10. финале кое големиот Дрогба го одлучи со погодок.

12 август 2013 - 13:28