Блесок организира промоција на најновата книга раскази од Румена Бужаровска, „Мојот маж". Промоцијата ќе се одржи на 19 ноември (среда) од 20 до 21 часот, во МКЦ Клуб ресторан. Околу книгата, со авторката ќе разговара Илина Јакимовска. Во меѓувреме, на големите екрани ќе бидат проектирани анонимните записи на читателите на тема „Мојот маж". Од 21 часот, подиумот ќе го преземе Соња Исмаил со нејзин музички сет. Влезот е слободен.
„Мојот маж" е трета книга раскази од Румена Бужаровска, после „Чкртки" (Или-или, 2007) и „Осмица" (Блесок, 2010).
Само навидум зборувајќи за својот сопруг, нараторките од најновата збирка раскази на Румена Бужаровска, „Мојот маж", всушност се соголуваат себеси: своите стравови, мрачни тајни, недозволени копнежи, интимни фрустрации. Пренесени низ призмата на сопругата мајка, вдовица, прељубница, уметница, домаќинка, сместени во нашето секојдневие, и раскажани со едноставен јазик кој изобилува и со хумор, и со тага, овие раскази им даваат глас на проблемите за кои општеството ни наложува да молчиме. – вели Калина Малеска во дел од својата рецензија кон книгата.