Ах Кили, Кили. Во твое (не)оправдано отсуство ќе искористам еден твој цитат. МА НЕМОЈ ДА МЕ ЈЕБЕШ БРЕ!!!!
Тодоров ќе ги враќал лекарите од странство. Па од негови лични " контакти", дури имало кандидати од тие со кои се среќавал. А бе, ептен ти се розови наочарите а? Добро бе, мајку му, имате излезено некаде освен со партиско друштво? За шо збораш бе чоече?
Хипотезата дека некој од некаде ќе се врати, да работи за помалку пари, под превезот на националните чувства, можиш бато да му ја раскажиш на син ми. Тој има 6 годинки и ама баш сè ќе ти поверува. АЛО БЕ!!!! 230 000 луѓе во изминатите 10 години се заминати одовде. Во неповрат. Сите тие имале семејства и пријатели овде. Ама имале и празен џеб. Ветер дупка не полни. Џабе ти е и пријател и брат и сестра и Широк Сокак мој убав, ако немаш пари да си испиеш едно кабадајско кафе.
4,5,6 пати помала плата обезбедувала ист квалитет на живот а? Ај шо кажаното нема врска со математика (оти такво нешто не постои кога се споредува поголемо со помало, платата можи да биди повисока 3,4,5 пати, а пониска за 50%, 60% или 70%), туку и нема врска со реалноста. Лекар кој што во Германија заработува 5000 евра месечно, ќе се врати тука за да работи за максимум 1000 евра? Патриотски, нема што.
И сега да почнам да набројувам:
1. Квалитетот на живот не е само во парите. Квалитетот на живот е и во достапноста на други работи. Квалитет на образование, квалитет на здравствени услуги. Можност со дел од парите да се излуксузираш, да одиш на одмор на крстарење. Да одиш на шопинг. Да не се замараш со политика и гајле да ти е кој е на власт, а на избори да излезиш без да те плашат дека жив ќе те изедат или пак Бранко ќе ти се јави од било чиј телефон.
2. Ај и да се вратат. Шо ќе видат? Партиски директорчиња коишто единствено имаат за цел да си ги вдомат роднините и пријателите, кои од благодарност што седнале на кожната фотелја не смеат ни да зуцнат дека на одделението фали завој, тоалетна хартија, инфузиони раствори. Па пустина ќе фатат и ќе избегаат уште подалеку, а овојпат пасошот ќе го остават на контролата, за наредниот пат кога ќе помислат да дојдат, макар и туристички да им текни зошто заминале.
3. Многу стимулативно за лекарите што се тука. Ќе им "увеземе" наш кадар. Оти имаме дефицит на лекари, нели? Оти љубимците на власта се залепени на телевизија и кажуваат како за 1 месец стручно усовршување станале експерти во својата област. Во време кога имаме 7 медицински факултети во државава, не мислите ли дека е потребно да се обрни внимание на квалитетот, а не на квантитетот на кадрите? Оти за квантитет се многу, а квалитет ќе да нема.
Немој брат, жити се. Преку ми е, од се. Ако има Господ, за многу кратко време ќе ви ослободам едно место во државната администрација. Ќе ја фатам и јас туѓината. Иако важам за перспективен во својата област (да си се пофалам малку), едно партиско чиновниче не ми дозволува да напредувам. Онака, од ќеф негов. Ќе ми фалат и мајка и татко. И пријателите. И Пелистер и Охрид и Шара и споменикот на Аце Мажето во Прилеп.
Не сум лекар. Ама дијагнозата ја давам со целосна одговорност. Општеството е длабоко метастазирано. Омразата, осветата и зајадливоста го окупираа и телото и духот. Остајте ги луѓето да си работат таму каде што се. Немојте да ги привлекувате со нереални ветувања. Поарно нека си бидат први на село, отколку последни во градот. И не, не се работи за татковината. За животот се работи. Мојот, твојот, нивниот.
Цацко