Почитувани сограѓани, во изминатиов период, од тој црн 12 август 2020 кога пропадна Еуростандард Банка, многу пати бевме сведоци на бројните изјави на НБРМ за "стабилноста" на банкарскиот систем. Мора да признаам, дека зборот - стабилност - сега веќе има сосемо ново значење за нас оштетените и ограбените во овој процес. Парите кои ги заработивме и за кои плаќавме редовно данок, а успеавме и да заштедиме и ги чувавме, кој за да конечно купи свој дом, кој за неопходно лечење во странство, итн. веќе ги нема и тоа излегува дека е сосема нормално во оваа држава.
Јас лично се чувствувам ограбена, изневерена, манипулирана од овој "стабилен" систем, а макотрпно штедените пари во текот на 25 години, пропаднаа во тој "стабилен" систем. Систем за кој континуирано бевме убедувани од страна на НБРМ дека функцонира и дека тие - НБРМ работат во и за наш интерес, за интересот на граѓаните од чии пари живеат. Ние граѓаните испаднавме жртви само затоа што верувавме. Верувавме и кога во време на пандемија, кога некои од нас изгубија работа, а НБРМ со постојани изјави нè убедуваше дека системот е стабилен. Верувавме и затоа што во Еуростандард Банка штедеше и првиот човек на МФ - самата министерка за финансии.
Мислевме дека сите сме еднакви граѓани. Чувствувам дека сум била доведена во заблуда - сите сме еднакви, АМА некои се поеднакви од другите.
Криминалот во Еуростандард Банка е тежок 60 милиони евра. Криминалот кој траел повеќе години (од 2012 до 2019 година) се состоел од одобрување и пласирање на кредити без соодветни хипотеки, злоупотреби и малверзации од страна на лица на одговорни позиции во Еуростандард Банка. А сето ова се случувало пред очите на НБРМ под чија законска надлежност и обврска спаѓа надзор, мониторинг и превземање соодветни активности во случај на неправилности во работењето на банкарскиот сектор.
Постојано слушаме низ сите медиуми од НБРМ за наводните строги процедури и надзор над банките. Па тогаш како, КАКО е можно да се украдат 60 милиони евра под надзор на НБРМ? И не можам да не се запрашам, каде е тука одговорноста на НБРМ односно на одредени структури во неа во овој организиран криминал?
Сите ние треба да се замислиме, ако е можно преку ноќ да пропадне банка и илјадници луѓе останат без своите макотрпно заштедени пари, со нарушено физичко, душевно и ментално здравје од легално изведениот грабеж, а при тоа НБРМ инсистира дека вака изгледа стабилен банкарски систем: како тогаш изгледа нестабилниот банкарски систем?
Претпоставувам дека се мисли дека е доволно многу пати да повторам дека системот е стабилен, па тогаш тој ќе е стабилен, дури и ако не е, дури и тогаш кога при бескрајното повторување на таа флоскула за стабилниот систем, ние ограбените илјадници граѓани на крај на денот остануваме без своите чесно заработени пари.
За нас оштетените и ограбените граѓани единствено решение е целосно обештетување, а државата потоа да се наплати од стечајната маса. Затоа што ние - оштетените и ограбени граѓани не бараме субвенции, ваучери, картички, милостина, туѓи пари... Ние ги бараме само нашите пари.
Премиерот Заев рече дека тој што не почитува закон, ќе се соочи со закон. Искрено се надевам и очекувам дека надлежните институции ќе покажат на дело како изгледа ова, и законот ќе важи за сите, од најниските ешалони на Еуростандард банка до одговорните во институцијата до Вардар која пред своето име ја има придавката Народна.
Наместо post scriptum:
Лично јас имам пријател од земја од ЕУ кој има идеја да го прошири својот бизнис заедно со својот бизнис партнер, ете конкретно во нашата земја. Меѓу многуте прашања општо за бизнис климата и идејата поради ситуацијата со вирусот се постави и прашањето: "настрана од официјалните извештаи, еве јас да треба да основам фирма и да префрлам пари, капитал во ваша банка, па од гледна точка на обичен граѓанин, какво ти е мислењето за вашите банки, колку би биле моите пари сигурни во Македонија?"
А одговорот...
Со почит,
Анета Атанасовска