Господине Мацановски,
Пред да постирате слики од непрописно паркирање во делумно направената катна гаража „Разловечко востание“, во која имам уредно платено членарина за користење, треба да знаете дека:
1) Лифтовите се во дефект уште од првиот ден и константно се расипуваат и санираат дефекти во нив, па доколку некое хендикепирано лице се паркира на погорните катови од катната гаража, прашање е како и кога ќе успее да ја напушти катната гаража.
2) Пред извесно време бев блокиран од страна на несовесно паркирано возило. Кога побарав од вработените во катната гаража да интервенираат, ми беше кажано дека не постои ниедна служба и никаков начин да се интервенира, туку морам да чекам несовесно паркираниот возач да дојде, после што чекав 3 часа за да ја напуштам катната гаража. За утеха ми кажаа дека не му е прв пат и дека претходниот пат морало доктор да оди на операција со такси. Во прилог ви доставувам и фотографии од ситуацијата.
3) При полнење на катната гаража треба да се провери дали овие места се евидентираат посебно или не се прави никаква поделба, што значи ако катната гаража има вкупно 200 паркинг-места, од кои 20 се за лица со посебни потреби, дали кога внатре има 180 возила повеќе не се пуштаат возила доколку немаат налепница за лице со посебни потреби на своето возило?
4) Тотално непрофесионално е да ги објавувате сликите без да прикриете барем дел од регистарските ознаки на возилата, што е и чудно за професионален новинар како Вас. Со ваквиот потег ме наведувате да се сомневам дека Ваша вистинска цел е да ја поттикнете свеста кај граѓаните за почитување на сообраќајните правила. Доколку сакате да прикажете слики од богати и славни, јас би Ви препорачал да не лутате по катни гаражи, паркови и цркви, туку да посетите некои од елитните локали низ Скопје и да фотографирате дел од присутните.
5) Ниту една од горенаведените причини не сакам да ја користам како оправдување, но се надевам дека ќе подразмислите дали има потреба од прикажување на регистарски таблици и каква корист има од тоа. Сигурен сум дека не сте имале проблем со паркинг и не знаете колкав проблем имаат со паркинг лицата што не се со постојана адреса во Скопје, особено со паркинг во Општина Центар.
Инаку, секоја чест за статијата, се надевам еден ден ќе се зголеми свеста на граѓаните за сообраќајот и можеби ќе се изработи некој правилник за користење на катна гаража.
Со почит,
М. М.
----------------------------------------
Другар,
Го објавувам писмото пошто мислам дека има тука добар муабет. Можеби некој ќе ги поправи тие ебени лифтови во таа катна гаража (неоти знам кај е тоа). Одиме веднаш на она околу кое, гледам, има недоразбирања, т.е. сомнежи за вистинската цел на рубриката, т.е. професионализмот и регистарските таблички. Значи на точка 4.
Да, попрофесионално би било да им ги покриваме табличките. И многу, многу полесно. Мирна глава. Ама ги покажуваме исто како што би го покажале лицето на некој што опљачкал некое јадно колонијалче, а имаме снимка од тоа. А го правиме тоа заради една пуста надеж: дека некој некогаш ќе се засрами. Некој од цела таа армија несовесни возачи (во народот познати како говеда) кои паркираат кај стигнат и систематски го уништуваат раатот и пристојноста на овој град. Дека ќе се засрами кога некој близок ќе му каже: „Еј бре говедо, те има на офф.нет, си паркирал ко сељачиште“. А овој нема да може да каже (во случај на покриени таблички): „Не е тоа мојата, ист модел е и иста боја, ама не е таа“.
Значи, само малку срам. Само малку да ја залееме таа дефицитарна билка во нашиов екосистем. Па тој срам да го држи и на следното паркирање. Толку ни е надежта. Јас стварно не знам (дури ни теоретски) што друго би можело да биде цел на таа рубрика, која ја имаме со години и во која сме пробале да засрамиме неколку стотици „богати и славни“. Имаш идеја?
И молим ти се, во земја во која на ангро се прислушуваат и се објавуваат телефонски разговори, дојде приоритет да им ги криеме табличките на „несовесните возачи“.
Оној истиот заради кој ти си чекал 3 саати, а оној лекар можеби не стигнал на операцијата, до неговиот раат ти дошло?
Што се однесува до мене, кој го ебе.
исто со почит,
Трендо
п.с. Како што забележуваш, на фотките што си ми ги пратил, при објавување прописно ја покривме табличката SK 509 IU :)