Писма на читатели

Отворено до бањатите од прв спрат

Мачно ми е што со години се прпелкаме во очајов што ни го приредија и сега наеднаш почнаа да се освестуваат и да бидат со нас. Не ми дава душа така да им простам. Кога ќе ми текне на тоа како си го отќутеа и нè скршија со проклетиот Преспански, со референдумот и со сè друго, просто не можам да им заборавам.

Здраво Трендо,

Како народен психијатар и судејќи по се бајаги разумен човек ќе морам да ти потрошам малку од денот да си ја олеснам душата.

Ти праќам во продолжение едно отворено обраќање до бањатите, космополитите, просветлените и само декларираните анти-патриоти кои со години ни пуштаат гласна музика, ни тресат чаршав и ни фрлаат ѓубре од прв спрат на нас што живееме на приземје. Сега кога бившиве цимери им се преселија на втори и место Сакис во 2 сабајле рокаат Азис наеднаш овие од први се појавија на куќен совет да го решаваме проблемот.

На страна алегорииве, мачно ми е што со години се прпелкаме во очајов што ни го приредија и сега наеднаш почнаа да се освестуваат и да бидат со нас. Да не се разбереме погрешно, редно време е, ама не ми дава душа така да им го простам. Кога ќе ми текне на тоа како си го отќутеа и нè скршија со проклетиот Преспански, со референдумот и со сè друго, просто не можам да им заборавам. Колку пати сум го читал Русјаков и ми доаѓало да го гушнам и да си поплачеме. Нема да му ја заборавам колумната во која дигна раце од се само за да не го изгуби умот човекот, знам зошто и јас исто се чувствував.

И сега треба се под тепих да оди како ништо да не било. Не бива.

Се прифаќа покајанието ама цел живот треба да работат да се искупат... и пак нема да можат. Тоа им е, жигот мораат да си го прифатат и носат, за да не се повтори.

Поздрав,
Горазд

3 јули 2022 - 10:55