Деновиве сме сведоци на едни несакани дејствија кој се последица на имагинацијата на некој новинар карикатурист, кој си поигрувал со нервите на исламистите, па овие направиле ѕверски потег, па сега сите сме пренатрупани со информации за заложнички драми, одмазди и убиства. Во оваа ситуација овие другиве малку повеќе забегале и навистина потегот е за осудување, но што ќе беше ако дванаесетмината не беа Французи или новинари?
Додека овие во Париз масовно и неприкосновено излегуваат низ улиците и прават маршови со што целото светско внимание е насочено токму таму, во Нигерија се масакрирани 2000 цивили. Додека оваму се вртат кајрони по десет пари во денот, на вести гледам само 4 секунди известување дека Боко Харам од чиста мира масакрирал невини луѓе и тоа 2000, и тоа туку така само си помина без око да им трепне на новинариве, а уште помалку на светскиве лидери (оти сеуште маршираат). Значи додека има масовно оплакување на овие французиве (Бог да им душа прости), во Нигерија на секој убиен граѓанин на Франција се убиени по 166,67 Нигеријци и тоа вреди 4 секунди во вести?
Каде е тука еднаквоста во вредноста на човечкиот живот?
Искрено ова и претходно сум го согледал дека разликата ја прави пред се државата во која се случуваат настаните, а после тоа професијата новинар. Сопругата моја е по професија новинарка (и фала богу не го работи тоа), но оваа професија ми е една од најчудните или нај несаканите професии што постојат не од непотребноста за истата, туку од егото на новинарите.
Ниеден човек не смее да се постави над другиот. Ниеден човек не смее да се постави над Законот. Животот на ниеден човек не е помалку вреден од животот на некој новинар само затоа што одбрал друга професија.
Гледам дека сакаат да нема пријави за нив за клевети, да ги заштителе итн., а сите граѓани на оваа држава сме исти. Персоналниот данок мој, е процентуално ист со персоналецот на новинарот и јаc навистина не гледам зошто тој би бил изземен од некоја непромислена глупост, а јас не. Истовремено иселија илјадници Христијани и Курди од северниот дел на Ирак, а ние само запамтивме дека на тројца новинари им ги исекле главите во Сирија. На колку други им ги исекоа дали го интересира некој?
Не сакам во никој случај да го омаловажам животот и делото на дванаесетмината Французи кои загинаа вршејќи си ја работата за што се платени, само сакам да нагласам дека селективноста на информирањето во светски рамки не ни ја дава сликата комплетна. Ја дава како што тие новинарите ја замислиле
Со почит
Игор Здравковски