Имено, ако си прочитате, дозвола за Фокс и неговата дружина си имал некој од Бугарија а за Спортклуб и неговите си имал некој од Романија.
И вам ви фали во листава некој од Македонија или само до мене е?
Прв заклучок: Никој од Македонија не се потрудил да обезбеди права за сопствената земја. И не е важно дали е тоа единечен оператор, здружени оператори, агенцијава што ја плукаме, државата... кој сака нека ги обезбеди, ама за Македонија да се!
Ако си прочитате, Бугарите и Романците дале некакви одобренија и за Македонија, демек може да се емитуваат само тие и тие канали на тој и тој јазик, другите јок. А нели, ако не си обезбедил свои права, ќе играш според другите што ти наметнуваат.
Втор заклучок: Нашите оператори побарале дозвола за најевтиниот пакет (или ич не ни барале, туку го зеле тоа што се нудело бесплатно) и си ги пријавиле пакетите во агенцијава што ја плукаме како дел од понудата и така им ги одобриле. Новинарите нека се мачат да споредуваат пријавени пакети, одобрени пакети, па со какви документи. Ама, од ова следи дека некој одел по логиката „однеси документ, само нека пишува на него права за емитување Спортклуб/Фокс, а за кој дел од Спортклуб/Фокс важи никој нема да чита".
И така, операториве ни емитуваат пакети, ние задоволни, почнуват да се вртат македонски реклами на тие канали, оти нели гледани се тука, и некој лош чичко што седи таму во тие канали и си ги брои парите од сопственост вели: „а бе зошто македонски фирми рекламираат кај нас, а не се емитуваме во Македонија? Де да си ги проверам јас." И оп, забрана, пред која, веројатно некој од странциве се обидел да побара пари и договор со нашиве (оти нели, ако не се емитуваат тука нема ни наши реклами, а тоа сигурно не им одговара ни на странците).
Нејсе, ај нека си ја чукаат главата со овие работи новинарите (нели за тоа им служи де), ама мене ме интересира следново:
Неколку години наназад мојот оператор ми наплаќа дополнително за овие програми. Јас, сметајќи дека они си ги имаат средено правата, си плаќам, оти така треба. Е, арно ама, не било средено. И сега што? Ќе ми ги врати ли некој парите што ми ги земале до сега за нелегална програма? Ќе ги казни ли некој што нелегално емитувале?
АЕК нешто?
Илија Илиев Струмјан
П.С. За да биде уште побезобразно од операториве, неколку месеци наназад ни наплаќаат, а ги имаат исклучено некои од каналите поради наводно договарање за права. Си плаќаме убав тест екран со месеци. Да не спомнуваме за исклучување кога оди нешто исто на нашите канали, па пречки во „прајм тајм" па... си знаете де.