Испукани писма на читатели

Очигледно беше дека немаше никаква реакција бидејќи и после 1 час истрелите од автоматско оружје продолжија па се јавив во ПС "Ѓорче Петров" да го пријавам истиот проблем, на што вработената ми одговори до зборовите: "Да господине, знаеме, во Лака е, слушаме и ние, меѓутоа немаме екипи моментално."

Почитувани,

На 31.07 (недела), околу 17 часот, додека шетав со двете деца на кеј во населба Хром, од другата страна на реката (најверојатно во Лака) се слушаше константно пукање од пиштол, а после кратко време и рафали од автоматско оружје. Најверојатно стануваше збор за некоја веселба, претпоставувам свадба.

Бидејќи се наоѓав во непосредна близина, истрелите се слушаа многу силно и искрено се загрижив за мојата и безбедноста на моите деца, кои патем доживеаја огромен стрес.

Како најсовесен граѓанин, веднаш се јавив на 192, се представив и уредно ја пријавив случката, на што диспечерот ми одговори со "Ок".

Очигледно беше дека немаше никаква реакција бидејќи и после 1 час истрелите од автоматско оружје продолжија па се јавив во ПС "Ѓорче Петров" да го пријавам истиот проблем, на што вработената ми одговори до зборовите: "Да господине, знаеме, во Лака е, слушаме и ние, меѓутоа немаме екипи моментално." Истрелите продолжија до 22:00 часот.

Па јас сакам да прашам, дали во оваа држава постои закон, дали треба да се чувствуваме заштитени кога во сред населено место каде што живеат луѓе и си играат деца се пука од автоматско оружје, а еве читаме дека после неколку дена има пријави за залутани куршуми.

Со почит,
Кирил Димовски

 

4 август 2022 - 22:55