Дебармаалски писма на паркирачи

Ако некоја личност која има ингеренции да го чита ова, ве молам помагајте, но не со решението што ми го понудија во ПОЦ - 100 еур месечно за изнајмување на личен паркинг. Резидент значи жител, а не плаќач.

Здраво Трендо,

Веќе трета година како се воздржувам да не потпаднам на револтот кој се јавува и поминува во поглед на прашањето "Паркинг" во нашето некогаш преубаво Дебар Маало. Но очигледно месециве и моите челични нерви попуштаат. Можеби се должи на хормоналниов дисбаланс бидејќи сум на трудничко боледување, но и да е така, решив да ти напишам и да ја споделам маката на верувај ми - буквално секој жител на мојава мала скриена уличка.

Живеам на една од споредните улички кои излегуваат на Ленинова. Пред да се донесе законот за паркинг ситуацијата беше исто густа но барем важеше правилото " Прв дојден, прв услужен". Сега имаме поделба на половинки од улиците помегу ПОЦ и Градски Паркинг, кои во меѓувреме се скарале па налепниците на жителите не важат на Градски, нас не нè известиле а казни леткаат ко пеперутки...А во мојата уличка на која стои знак "Само за резиденти" се паркираат сите "резидентни" фирми и сопственици на таканаречените ВИП налепници. Ние обичните резиденти кои всушност и живееме тука, ако сме среќни ќе успееме да најдеме место, ако не, стануваме директни учесници во играта " Пронајди Паркинг" барајќи го среќното место кое ќе го згрижи твојот автомобил.

Да, се обративме културно кај надлежните, ни рекоа ама и фирмите имале адреса на таа улица и сите нивни скужбени возила се резидентни - нешто не штима со концептов на реченицата, нели... точната граматичка форма е оксиморон. Дури и имаше анкета од загрижените странки кои како одговор на нашата мака ни рекоа - "ама знаете, фирмата плаќа 2000 еур месечно за паркинг". Незнам која е таа фирма, но со ваков фиксен трошок мора билансата да им е неверојатна :):)

И знаете што, не ме интересирааааааа......

Недозволиво е да планирам дека треба да си дојдам дома после 5h за да имам паркинг, или пак да плаќам со смс до 5h, па да се симнувам и да препаркирам. За сите нас кои навистина живееме тука е пеколна помислата да си дојдеш дома, да вртиш 30мин низ цело маало за паркинг место, а јас лично сум уште толку под стрес што треба со бебе да се шетам некогаш и по 10тина минути за да си дојдам дома на Ленинова. Да не навлегувам во тоа дека движењето со количка е вистински предизвик помеѓу кафичите и паркираните возила на тротоар.

Не ме интересираат политики, кој колку е плаќач на данок и колку платил за ВИП налепница, но да Ве потсетам само - гласачи се жителите, а не фирмите.

Ако некоја личност која има ингеренции да го чита ова, ве молам помагајте, но не со решението што ми го понудија во ПОЦ - 100 еур месечно за изнајмување на личен паркинг. Резидент значи жител, а не плаќач.

На крајов од писмово еве пишувам со посмирен ум, до утре најверојатно и ќе заборавам на денешнава 30 минутна потрага... сè до следниот ден кога повторно ќе посакам да излезам од дома и да се вратам додека е сонце за да не ме фати студ со мало бебе :) Всушност кој ми е крив што мојата фамилија уште пред земјотресот решила да живее во ова некогаш убаво маало.

Поздрав
A.

 

21 ноември 2015 - 17:01